• петок, 15 ноември 2024

УКЛО-Битола објави конкурси за упис на магистерски и докторски студии

УКЛО-Битола објави конкурси за упис на магистерски и докторски студии

Битола, 11 септември 2023 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола денеска објави конкурси за упис на кандидати за магистерски и докторски студии.
На втор циклус или магистерски студии може да се запишат вкупно 761, додека на трет циклус или докторски студии може да се запишат 163 кандидати.

Според конкурсот за втор циклус студии на Технички Факултет-Битола може да се запишат 130 кандидати, на Факултет за информатички и комуникациски технологии – 60, на Технолошко-технички факултет – Велес 50, во Прилеп на Економски факултет, може да се запишат 66, а во Охрид на Факултетот за туризам и угостителство, може да се запишат 70 кандидати. Втор циклус студии се организира и на Педагошки факултет, за 90 кандидати, на Факултет за безбедност во Скопје за 75, на Правен факултет – Кичево за 170, а на Факултетот за Биотехнички науки ќе може да се запишат 35 кандиати.

Магистерски студии се организираат и на научен Институт за тутун во Прилеп за 15 магистранти, додека на Високата медицинска школа во новата академска година ќе се реализираат стручни студии со кофинансирање за 95 кандидати.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола објави конкурс и за трет циклус или докторски студии кои ќе бидат организирани на 10 универзитетски единици.
На Технички факултет може да се запишат 9 докторанди, на ФИКТ-Битола може да се запишат 18 кандидати, на Технолошко-технички факултет – Велес 7, на Економски факултет – Прилеп 14, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид може да запише 30, а Педагошки факултет може да запише максимум 15 кандидати.
Докторски студии се организираат на Факултетот за безбедност во Скопје за 20, на Правен факултет во Кичево за 32, на Факултет за Биотехнички науки во Битола за 15 и на Научен Институт за  тутун во Прилеп за 3 идни докторанди.

Првиот уписен рок за трет циклус студии почнува на 18 септември, а за втор циклус студии на 25 септември. мт/цр
Фото: МИА
 

Остани поврзан