• сабота, 06 декември 2025

Узбекистан предлага формирање регионален блок на петте поранешни советски републики во Централна Азија плус Азербејџан

Узбекистан предлага формирање регионален блок на петте поранешни советски републики во Централна Азија плус Азербејџан

Ташкент, 16 ноември 2025 (МИА) – Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев, на денешната средба со лидерите на петте поранешни советски републики од Централна Азија (Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан) предложи создавање „Заедница на Централна Азија“, која ќе промовира економска интеграција во регионот, во кој живеат над 80 милиони луѓе.

Тој предложи и редовните состаноци помеѓу шефовите на земјите од Централна Азија да се трансформираат во официјален регионален блок. Мирзијоев ја нагласи потребата од зајакнување на соработката во економската, безбедносната и еколошката област.

На денешната средба во Ташкент, петте земји гласаа за учество на состаноците на Азербејџан, претежно муслиманска земја во Јужен Кавказ.

На узбекистанскиот предлог за формирање „Заедница на Централна Азија“ во која покрај Узбекистан ќе учествуваат Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Азербејџан, немаше непосредна реакција од другите поранешни советски републики од Централна Азија, но сите пет земји во регионот изминатите години декларативно се залагаат за поблиска регионална интеграција.

Претседателот на Туркменистан, Сердар Бердимухамедов денеска предложи закајнување на соработката во енергетскиот сектор.

Туркменистан е подготвен да разговара за понатамошни конкретни чекори за зајакнување на енергетското партнерство. Зборуваме само за проекти за гасоводи, денеска зборуваме за важноста на зголемувањето на енергетскиот сегмент, за создавање во нашиот регион и околу него моќна мрежа за производство, снабдување и потрошувачка на електрична енергија. На овој начин, ќе се создаде материјална основа за одржливост на целиот систем за снабдување со електрична енергија, како и гаранции против влијанието на евентуални негативни надворешни фактори, посочи Бердимухамедов.

Тој се заложи и соработка во земјоделскиот сектор, за заеднички вложувања во различни сектори, проширувањето на прекуграничната и регионалната трговија.

Земјите од Централна Азија се богати со ресурси, долго време беа под доминација на Русија, а сега се вртат кон Западот. Кина, која е нивен сосед, се обидува економски да влијае врз нив.

Лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан на 6 ноември имаа средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, која беше фокусирана на ретките минерали и проширување и обезбедување на американските синџири на снабдување преку нови глобални договори.

Трамп тогаш посочи дека Централна Азија е „исклучително богат регион“ со ретки метали потребни за високотехнолошки уреди, вклучувајќи паметни телефони, електрични автомобили и борбени авиони. Тој додаде дека е решен да го зајакне партнерството на САД со централно азиските држави.

Вашингтон бара нови начини да ја заобиколи Кина во однос на критичните ретки минерали, а Централна Азија има големи резерви. Но, на регионот му се потребни инвестиции за да продолжи да ги развива своите ресурси. ми/

фото: Википедија

Остани поврзан