Турција ќе воспостави механизам за предавање оружјето на ПКК
- Министерството за одбрана соопштува дека надлежните државни институции ќе соработуваат со колегите во земјите од регионот со цел да се воспостави механизмот за предавање на оружјето.
Анкара, 15 мај 2025 (МИА) - Турција ќе воспостави координиран механизам за предавање на оружјето на милитантната Курдска работничка партија (ПКК), откако оваа вооружена организација одлучи да се самораспушти и да ја прекине вооружената борба, објави турското Министерство за одбрана, јави агенцијата Анадолија.
Министерството за одбрана соопштува дека надлежните државни институции ќе соработуваат со колегите во земјите од регионот со цел да се воспостави механизмот за предавање на оружјето.
Британските медиуми потсетуваат дека ПКК над четири децении е во вооружен конфликт со турската држава, а групата во понеделникот ја објави својата одлука за распуштање и прекин на вооружената борба.
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, во исто време, изјави дека неговата земја очекува и сириската курдска милитантна група ЈПГ да го исполни договорот што групата го склучи со сириската Влада, според кој треба да биде интегрирана во вооружените сили на соседна Сирија.
Турција ја смета ЈПГ за огранок на ПКК, која, исто така, беше вклучена во конфликти со турската држава.
-Досега немаше никакви чекори што ЈПГ презеде обврска да ги преземе. Очекуваме тие чекори да бидат спроведени во пракса, рече Фидан на прес-конференција за време на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија.
Тој додаде дека стабилноста во Сирија бара обединета влада и обединети легитимни вооружени сили.
ЈПГ е предводена од Сириските демократски сили (СДФ), кои контролираат голем дел од богатиот со нафта североисток на Сирија и во март потпишаа договор со Дамаск за приклучување кон новите државни институции на Сирија.
Според договорот, граничните премини, аеродромот, како и нафтените и гасните полиња под контрола на СДФ треба да дојдат под администрација на Дамаск до крајот на годината, но начинот на интегрирање на воената операција на СДФ во сириската армија сè уште не е разјаснет.сд/