• понеделник, 23 декември 2024

Турција повторно побарала од Албанија екстрадиција на приврзаниците на Фето

Турција повторно побарала од Албанија екстрадиција на приврзаниците на Фето
Тирана, 4 јули 2021 (МИА) - Турција уште еднаш побарала од Албанија екстрадиција на сите лица кои Анкара ги смета за терористи, јави дописничката на МИА од Тирана. Портпаролот на претседателот Реџеп Таип Ердоган, за време на средбата во Тирана, на премиерот Еди Рама му го повторил ставот на Турција за опасноста што ја носи организацијата ФЕТО. - Албанските власти прават значајна работа заедно со нас во борбата против организацијата ФЕТО. Оваа терористичка организација успева да манипулира со институциите на земјите каде се шири. Ние сме решени да не дозволиме такво нешто да се случи во Албанија. Оваа организација е голема опасност за државите каде што работи. Ние знаеме дека таа група работи на труење на односите меѓу нашите две земји, изјавил портпаролот Ибрахим Калин, пренесуваат албанските медиуми. Двајцата соговорници разговарале и околу набавката од страна на Албанија на турски беспилотни летала, од најнова технологија, за што владата издвоила средства во износ од осум милиони евра. - Со премиерот Рама разговаравме и за безбедноста во регионот на Балканот и за нашата соработка во НАТО. Имаме добра соработка со Албанија во областа на одбраната. Мирот и стабилноста на Албанија значи мир и стабилност за Турција и исто така мир и стабилност за регионот. Подготвени сме да и помогнеме на Албанија во областа на безбедноста и имаме заеднички проекти. Ќе работиме заедно во борбата против тероризмот, трговијата со луѓе и наркотични средства, посочува Калин. Тој додал дека го информирал премиерот Рама дека турскиот претседател Ердоган се подготвува за официјална посета на Албанија следниот месец. вт/паг/

Остани поврзан