Турски дипломат на чело на ОБСЕ: Синирлиоглу избран за генерален секретар
- Именувањето беше потврдено на 31-та средба на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Малта, каде што Синирлиоглу доби едногласна поддршка од 57-те земји-членки, наведува порталот „Туркије тудеј“.
Анкара, 6 декември 2024 (МИА) - Поранешниот турски министер за надворешни работи и поранешен амбасадор на Турција во ОН, Феридун Синирлиоглу, е именуван за генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), јавуваат турските медиуми.
Именувањето беше потврдено на 31-та средба на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Малта, каде што Синирлиоглу доби едногласна поддршка од 57-те земји-членки, наведува порталот „Туркије тудеј“.
Турското Министерство за надворешни работи го оцени изборот како доказ за активната улога на Турција во меѓународната дипломатија и решавањето конфликти.
Министерот за надворешни работи, Хакан Фидан, му честиташе на Синирлиоглу, истакнувајќи дека именувањето ја рефлектира силната позиција на Турција во светската дипломатија.
Притоа, Фидан ја нагласи клучната улога на ОБСЕ во одржувањето на мирот, стабилноста и безбедноста во услови на тековни светски кризи.
Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Малта, Јан Борг, денеска ги објави новите назначувања во раководството на Организацијата.
„Честитки за новото раководство на ОБСЕ!“, напиша Борг на платформата Икс, информирајќи дека покрај Синирлиоглу, Марина Телалијан од Грција ќе раководи со Канцеларијата за демократски институции и човекови права, Кристоф Камп од Холандија ќе биде висок комесар за прашања на национални малцинства, а Јан Брату од Норвешка ќе биде претставник за прашања поврзани со медиумската слобода. ссм/
фото: ЕПА