• понеделник, 23 декември 2024

Турските активности во фокус на средбата Мицотакис - Мас

Турските активности во фокус на средбата Мицотакис - Мас
Атина, 13 октомври 2020 (МИА) – Односите со Турција и последните случувања во Источниот Медитеран беа во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со шефот на германската дипломатија Хајко Мас, јави дописничката на МИА од Атина. На почетокот на средбата, Мас рече дека особено е изненадувачко она што го гледаат од Турција во изминатите денови и е спротивно од согласеното, односно во клима на доверба, преку дипломатски средства да се направи обид за деескалирање на тензиите. - Затоа, имам големо разбирање ако сега во Атина преовладува, не само изненадување, туку и гнев, бидејќи повторно, ова не е првпат, со провокациите од турска страна, прекинато е она што првично го планиравме. Како и да е, морам да ви кажам дека врз основа на одлуките донесени на Советот, сметам дека имаме само една можност, а тоа е дијалогот, да стигнеме до некои резултати, рече Мас. Грчкиот премиер порача дека на Европскиот совет, Турција добила јасна опција. Или да ги обнови односите со Европа или да се соочи со последиците. - За жал, се чини дека, засега, Турција го избра вториот пат. Треба да запаметиме дека во параграфот 21 од заклучоците на Советот, јасно ставивме до знаење дека во случај да продолжат едностраните активности и провокации од страна на Турција во кршењето на меѓународното право, ние, како Европска унија, ќе ги искористиме сите достапни алатки и сите опции што ги имаме на располагање. Внимателно ќе ги следиме случувањата и ќе донесеме соодветни одлуки најдоцна до декември, објасни Мицотакис. Тој додаде дека под актуелните околности, Грција нема да оди на разговори со Турција. Министерот за надворешни работи на Германија, по средбата со Мицотакис, разговараше и со неговиот грчки колега, Никос Дендиас. ср/гт/

Остани поврзан