• сабота, 23 ноември 2024

Тупанчески: Со новиот закон ја јакнеме функционалноста на системот за вештачење

Тупанчески: Со новиот закон ја јакнеме функционалноста на системот за вештачење
Скопје, 21 февруари 2022 (МИА) - Во Министерството за правда денеска се одржала јавна расправа за нацрт – текстот на Предлог - законот за вештачење, на која поздравни обраќања имале министерот за правда Тупанчески и заменик министерот Агим Нухиу. Министерот Тупанчески во обраќањето истакнал дека со новите измени на Законот за вештачење се извршило ревидирање на системот на судско вештачење преку допрецизирање на одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршење на дејноста вештачење и продолжување на лиценците со оглед на тоа дека Комората на вештаци не била во функција долг временски период. - Верувам дека со донесувањето на овој современ закон ќе се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки, рекол Тупанчески, се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда. Тупанчески се осврнал на потребата од промена на досегашниот закон и истакнал дека поради големиот број на лоцирани слабости и недостатоци во актуелниот закон, нужна била потребата од зајакнување на функционалноста на системот за вештачење преку донесување на нов закон кој целосно ќе одговара на реформираниот правосуден систем. - Сакам да нагласам дека законот е целосно усогласен со мерките кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022). Во таа насока, се напушта концептот на електронско полагање на испитот за вештаци и се воведува усно и писмено полагање на кандидатите пред стручни комисии, врз основа на објективни и мерливи критериуми за процена на нивните знаења, истакнал Тупанчески. Заменик министерот Нухиу дополнил декa со новите законски измени досегашните нелогичности ќе бидат отстранети. -За странско вештачење има случаи кога судиите покажуваат дилеми дали директно да применат странска експертиза или да побараат мислење или еквивалентност на странска експертиза. Во некои случаи пак одредени академски и научни експерти дале експертиза за одредена област, а потоа за други случаи од истата област ја одбиле поради некомпетентност. Поради ваквите ситуации изработка на нов текст на Законот за вештачење беше повеќе од потребен, рекол Нухиу. Пред учесниците, претставниците на Агенција за судски вештачења и присутни членови на работната група, која изминатиот период заедно со експертите од Република Хрватска и Босна и Херцеговина активно работела на изготвување на Нацрт - текстот на Законот за вештачење, се обратиле и директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, проф. д-р Александар Станков и претседателката на работната група, Валентина Шаурек. цр/дма/

Остани поврзан