• недела, 22 декември 2024

Тркалезна маса: Компаниите бараат стручен кадар подготвен да премине веднаш од училишна во работна средина

Тркалезна маса: Компаниите бараат стручен кадар подготвен да премине  веднаш од училишна во работна средина

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) – Стопанската комора на Северна Македонија денеска организираше тркалезна маса посветена на улогата која здруженијата во нејзин состав ја имаат во креирањето стручно образование и обука според барањата и потребите на бизнисот.

Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора, изјави дека „образование по мерка на бизнисот“ отсекогаш било меѓу приоритетите на Комората, затоа што, рече, на компаниите им е потребен квалитетен и стручен кадар којшто може веднаш да премине од училишната во работната средина и да одговори на потребите и на сите технолошки процеси и промени со кои се соочуваат компаниите.

-Ако имаме стручно образование кое треба да биде квалитетно, а има своја специфика, потребно е сите чинители да бидат учесници во креирањето на стручното образование. Но, главниот правец треба да го даде бизнисот, а образовните институции да бидат тие коишто веднаш ќе излезат во пресрет во креирањето разни програми за образование и стекнување квалификации од страна на учениците, рече Наташа Јаневска.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на состанокот на членките на Комората за да ги слушне нивните предлози бидејќи, како што рече, бизнис-заедницата е исклучително значајна во градењето кадар подготвен за пазарот на трудот. Особено сега кога е во тек изработката на законот за стручно образование и обука со кој, меѓу другото, системски треба да се уреди и дуалното образование за кое постои сѐ поголем интерес.

Во изјава за медиумите Јаневска им се заблагодари компаниите кои се залагаат, како што рече, „во процесот на образование да создадеме квалитетни и компетентни кадри кои ќе учествуваат понатаму во изградба на државата“.

-Стручното образование е од исклучителна важност затоа што е општопознато дека имаме недостиг од работна рака, имаме иселување на нашите млади луѓе. Ова е една можност да ги подобриме условите за да останат во сопствената земја и да придонесуваат за сопствената земја. Со задоволство ќе ги слушнам сите потреби на компаниите за да можеме да го подобриме и да го доразвиеме стручното образование. Дополнително, во тој правец, во моментов веќе е при крај изработката на законот за средно стручно образование во кој, конечно, ќе ги решиме системски и дуалните паралелки, истакна министерката.

Во оваа и во претходната учебна година е зголемен бројот на запишани ученици во средните стручни училишта што се должи и на кампањата што ја спроведуваше МОН во соработка со Стопанската комора, компаниите и општините за дефинирање на квотите во конкурсот за запишување во средните училишта.

Според податоците на МОН, во 2024/2025 година од околу 17 000 запишани во прва година, 12 000, односно две третини, избрале стручно образование. Од тие 12 000, околу четири илјади ученици се запишале во дуалните паралелки во 60-ина училишта.

Учениците од дуалните паралелки имаат можност да добијат и стипендија од  Министерството -  во годинашниот Конкурс се предвидени 1500 стипендии во месечен износ од 3.500 денари за девет месеци во годината. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан