• петок, 05 декември 2025

Три нови училишта со фотоволтаици во Битола

Три нови училишта со фотоволтаици во Битола

Битола, 29 октомври 2025 (МИА) - Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на три нови основните училишта во градот. Од Секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.

-Деновиве се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели. По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки, ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта. Со воведувањето на фотоволтаиците, се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината, соопштија од локалната самоуправа.

Како што е познато во Општина Битола сончеви панели се поставени на 10 објекти од основни и средни училишта во градот.мт/вј/

Фото: Општина Битола

 

Остани поврзан