• понеделник, 23 декември 2024

Три жртви и тројца во критична состојба по пукањето во трговскиот центар во Копенхаген

Три жртви и тројца во критична состојба по пукањето во трговскиот центар во Копенхаген
Копенхаген, 4 јули 2022 (МИА) - Загинаа три лица при вчерашното пукање во трговскиот центар во Копенхаген, соопшти данската полиција. Убиени се двајца млади, чија возраст не е прецизно наведена, како и машко лице во своите четириесетти години. Има повеќе повредени, од кои тројца се во критична состојба. Осомничениот, 22-годишен Данец, кој при апсењето не пружеше отпор, на полицијата ѝ е познат, но, „само површно“, појасни главниот инспектор на полицијата во Копенхаген, Сорен Томасен. Неговите мотиви за нападот сè уште не се целосно јасни. Сведоци тврдат дека осомничениот се обидел да ги намами жртвите да му се приближат, велејќи им оти неговото оружје не е вистинско. - Беше доволно психопат за да лови луѓе, но, не трчаше, сведочеше очевидец за телевизијата ДР. Во трговскиот центар имаше голем број луѓе, бидејќи во близина требаше да се одржи концерт на британската ѕвезда Хари Стајлс, што подоцна беше откажан. „Јас и мојот персонал се молиме за сите настрадани во трговскиот центар во Копенхаген. Згрозен сум“, напиша Стајлс на Снепчет. Данската премиерка Мете Фредериксен го осуди „суровиот напад“ во трговскиот центар, каде биле „возрасни, млади и деца“. бд/сд/

Остани поврзан