• четврток, 19 декември 2024

Триесет и осмата Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски" почнува в петок

Триесет и осмата Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски

Крива Паланка, 26 јуни 2024 (МИА) -  Тринаесет уметници, сликари и скулптори, од девет држави од петок до 6 јули ќе творат во манастирскиот комплекс "Св.Јоаким Осоговски", Крива Паланка, во рамки на годинашната интернационална ликовна колонија што го носи името на патрон-светецот на манастирот во чиишто конаци инспирирани од прекрасниот амбиент ќе создаваат дела учесниците.

И годинашната, 38 Меѓународна ликовна колонија "Св.Јоаким Осоговски", традиционално , ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Општина Крива Паланка и МПЦ, Кумановско -Осоговска епархија.

-Повторно колонијата ќе биде место на творечки експресии на учесниците што на слободна тема ќе создаваат дела, трајна вредност за колонијата во чиишто рамки, речиси четири децении, се разменуваат културни енергии на уметниците од различни меридијани, инспирирани од духовноста, сакралноста на амбиентот на манастирот и прекрасната природа. Оваа година имаме петмина македонски учесници од кои двајца локални автори по потекло од Крива Паланка: Анета Стојчевска,вајар и Стефан Младеновски, графичар, како и реномираните: Стефан Хаџи-Николов, Мирослав Трујкановиќ и Јулијана Гешоска, додека странските уметници доаѓаат од Тунис, Мароко, Шпанија, Украина, Словачка, Србија, Бугарија и Северен Кипар, информираат од здружението за култура и уметност "Меѓународна ликовна колонија Св.Јоаким Осоговски".

Градскиот музеј Крива Паланка во соработка со организаторите на колонијата од оваа година воведува и претставување преку авторска изложба на еден од учесниците.

-ЛУ Градски музеј Крива Паланка од оваа година ја започнува серијата изложби на уметнички дела чии автори се гости на Меѓународната ликовна колонија "Св. Јоаким Осоговски". За почеток на серијата започнуваме со изложбата на Стефан Хаџи Николов, долгогодишен учесник на колонијата и член на организациониот одбор на истата, информираат од Градски музеј Крива Паланка.

Изложбата е закажана ден по отворањето на колонијата, сабота 29 јуни 2024, со почеток во 20 часот, галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Годинашната Меѓународна ликовна колонија е дел од манифестацијата "Крива Паланка -Град на културата 2024", а традиционално, ќе биде официјално затворена со изложба од создадените дела на стариот манастирски конак, на 5 јули, во 19 часот и 30 минути. ид/ир

 

Фото: Плакат

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан