• недела, 22 декември 2024

Третиот ден на 13. „МакеДокс“ почна со мастерклас на една од најпознатите документаристки од Чешка, Хелена Тшештикова

Третиот ден на 13. „МакеДокс“ почна со мастерклас на една од најпознатите документаристки од Чешка, Хелена Тшештикова
Скопје, 20 август 2022 (МИА) - Третиот ден на 13. „МакеДокс“ почна со мастерклас на почесната гостинка Хелена Тшештикова, една од најпознатите документаристки од Чешка. Мастеркласот на кој Тшештикова зборуваше за својата документаристичка работа и специфичен метод (тајм-лапс) на снимање на филмовите се одржа во „ЕУ Хаус“ во Скопје. - За да се одржи мастерклас треба да има мастер, рече Туе Стен Милер, кој го модерираше разговорот со Тшештикова, и на почетокот се потсети дека со неа лично се знаат од времето кога работела на филмот „Рене“, а првото прашање се однесуваше на нејзиниот специфичен метод за снимање филмови. Првиот проект што почнала да го снима со „тајм-лапс“ методот се „Брачни приказни“. Почетокот на приказните е на свадбената церемонија на избраните брачни партнери, а потоа приказните продолжила да ги снима со истите партнери по 20 и по 35 години брак, а тој проект е активен до денес. Тој проект практично го трасира патот и за другите филмови. Најпознатиот филм, за кој ја доби и наградата на Европската филмска академија (ЕФА) во 2008 година е „Рене“, за младиот деликвент Рене Плашил. Таа објасни дека тој проект почнал во 1988 година, кога биле избрани пет млади деликвенти кои со камера ги снимале три години и во тој период сфатила дека Рене е најпаметен и најавтентичен како карактер, што било клучно за да направи филм со неговата животна приказна. Во текот на снимањето се случувале многу непредвидени работи, а еднаш дури и нејзиниот дом бил ограбен од Рене, по што следувала жестока реакција од семејството на Хелена, но таа продолжила да ја снима неговата приказна. Од 33 години снимање на животот на Рене излегоа два филма „Рене“ (2008) и „Рене – Затвореник на слободата“ (2021). Со вториот филм беше отворена програмата Земја во фокус – Чешка, на 13 „МакеДокс“. Во однос на својата работа Тшештикова истакна дека документаристот мора добро да го осмисли крајот на филмот, бидејќи снимањето трае со години, да биде подготвен на непредвидени работи, бидејќи за неа и Кадифената револуција во Чешка се случила како непредвидена работа која имала влијание врз филмот за Рене, да биде подготвен да направи промени во планот за снимање и во приказната, да знае да комуницира со продуцентите, бидејќи тие работат со фиксен дедлајн и постојано потсетуваат дека снимањето на филмот не може да трае вечно. Во однос на комуникацијата со протагонистите Тшештикова рече дека редовно се слуша со повеќето од нив, дека таа е навлезена во нивните лични животи, но и тие се навлезени во нејзиниот живот. Во однос на изборот рече дека не сака да снима филмови за „ѕвезди“, туку за едноставни, обични и автентични луѓе за кои смета дека имаат интересен живот за филмска приказна. Единствен исклучок од тоа правило е документарниот филм за големиот чешки режисер Милош Форман, кој го направила бидејќи делата на Форман имале големо влијание таа да почне да се занимава со филмската уметност, објасни Тшештикова на мастеркласот. - Никогаш не сум прекинала контакт. Целата работа ја правам по сопствена волја, никој не ме тера на тоа и затоа сум постојано посветена на моите протагонисти и нивните приказни. Никогаш не сум се откажала проект и никогаш не се предавам! – рече Хелена Тшештикова на крајот од својот мастерклас. По мастеркласот со Тшештилова, данскиот консултант за документарци и филмски критичар, Туе Стен Милер, почна со реализацијата на работилницата за развој на идеи. Учесниците на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција. По два дена на групни и индивидуални сесии, резултатите од работилницата ќе бидат презентирани на 22 август, во рамките на 4-тото издание на МакеКоПроДокс форумот. Овој викенд во МКЦ, со термини во 11 и во 18 часот, се прикажува Програмата за деца и млади, во чии рамки се предвидени проекции на два долгометражни и голем број кратки документарни и анимирани филмови. Секое попладне до крајот на фестивалот во 18 часот се одржуваат „Разговорите под смоквата“ во Куршумли-ан, на кои авторите на филмовите ги разменуваат своите лични искуства во снимањето на филмовите. На 21 август, во 12 часот на пладне, ќе биде отворена фото-изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ. Дипломираниот филмски монтажер по професија Доријан Миловановиќ, служејќи се со својот фотоапарат, на еден своевиден начин, на својата фотографија ѝ дава една надреална и надвременска моќ, успева да долови моменти од навидум секојдневното земско живеење и да ги доведе до една спојка со надземното, магичното, невообичаеното, и при тоа да изгради светови кои отвораат нови светови и „развиваат идеи“ за нови и нови и нови... Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје - Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“. Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни. нд/

Остани поврзан