• сабота, 23 ноември 2024

Тренчевска: Одредбата за 60-часовна работна недела би била неуставна доколку се однесува на сите работници

Тренчевска: Одредбата за 60-часовна работна недела би била неуставна доколку се однесува на сите работници

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека со измените и дополнувањата на Законот за работни односи, поврзани со коридорите 8 и 10д и 60-часовната недела се предвидува ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност.

Тренчевска рече дека понекогаш процесите за изградба на инфраструктура бараат итност, а некои не можат да се прекинат. Оваа одредба би била неуставна, додава таа, само доколку 60-часовната недела се однесува на сите работници.   

-Се работи за стратешки проект и од национален интерес за државата. Се работи за прекувремена работа исклучиво со согласност на работникот и не се работи за прекувремена работа на сите ангажирани работници туку се работи за прекувремена работа само доколку процесот го бара тоа. Во градежништвото особено во инфраструктурата има одредени процеси што бараат итност и во тие случаи ќе имаме прекувремена работа на работникот којашто ќе биде платена согласно законската регулатива во државата, меѓутоа прекувремена работа исклучиво само со согласност односно доколку работникот е согласен, изјави Тренчевска во Прилеп.  

На прашањето за уставноста на оваа одредба во измените и дополнувањата на Законот за работни односи, Тренчевска вели дека оваа одредба би била неуставна доколку се однесува на сите работници. 

-Неуставна одредба е ако донесеме право на сите работници. Кај нас неделното работно време е 40 часа. Овде велиме за исклучителни проекти, за проекти кои се од стратешки и национален интерес на државата. Не за сите работици. Само онаму каде што процесот бара да биде завршен во одредено време, затоа што во градежништвото има процеси каде што не се дозволува да има одмор туку додека не се заврши процесот да се работи. Во тој случај се дозволува прекувремена работа на работниците. Тоа е предлогот којшто е даден во Собранието од страна на пратениците, вели Тренчевска. ев/бак/ 

ФОТО: МИА 

Остани поврзан