Тренчевска: Згрижувачките семејства се од исклучителна важност за едно општество
- Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната промоција на згрижувачки семејства во Кавадарци, којашто е дел од кампањата „Подај рака и промени живот – стани згриж
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната промоција на згрижувачки семејства во Кавадарци, којашто е дел од кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“, ги истакна важноста и приоритетот на Владата и Министерството за труд и социјална политика кога станува збор за унапредувањето на детската заштита.
Кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“, која започна на почетокот на јуни, има цел подигање на свеста за значењето на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството.
Министерката, ккао што соопшти МТСП, потенцирала дека кампањите се еден од најефикасните начини да се допре до сите чинители во државата со цел да се информираат и поттикнат потенцијалните згрижувачи и да се обезбеди топол дом за децата на кои тоа им недостига.
Како што информираат од Министерството, Тренчевска се осврнала и на долгогодишниот партнер на Министерството за труд и социјална политика ПУ СОС Детско село, кој има воспоставено Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата.
- Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на ПУ СОС Детско село е трет ваков центар во државата, заедно со Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Детскиот дом „11 Октомври“ - Скопје и во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Во моментот во државата има 350 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 600 корисници, ги повикувам сите граѓани, кои ги исполнуваат условите за згрижувачко семејство, да се пријават и овозможат двојна среќа и топол дом, порача таа.
Кампањата е организирана од страна на СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, центрите за поддршка на згрижувачките семејства, центрите за социјална работа и локалната власт. свс/дма/