• среда, 04 декември 2024

Поголема свест за постоење на лицата со оштетен слух, нагледни средства и асистенти кои разбираат знаковен јазик

Поголема свест за постоење на лицата со оштетен слух, нагледни средства и асистенти кои разбираат знаковен јазик

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Поголема свест за постоењето на лицата со оштетен слух, нагледни средства и асистенти кои го разбираат нивниот знаковен јазик, бараат родителите на деца со оштетен слух, во пресрет на 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Според нив, широката јавност многу малку е запознаена со оваа сетилна попреченост и предизвиците што ги носи таа во секојдневниот живот на овие лица.

Во изјава за МИА, тие алармираат дека во нашето општество постои општо неприфаќање и стигматизација за користењето на слушните помагала. Сакаат да направат чекор напред во рушење на стереотипите за оштетениот слух како попреченост. Велат дека е време, да се стави крај на дискриминацијата во однос на слушните помагала и корисниците на тие помагала.

- Нашите деца со оштетен слух имаат големи потешкотии во комуникацијата без разлика дали имаат кохлеарен имплант, амплификатор или не носат помагало, комуникацијата се одвива преку знаковен јазик или кај дел од децата ауидитивно со потешкотии. Кохлеарниот имплант е технолошко достигнување за овие деца кои им овозможува да добијат слух, но, овој звук што го слушаат е механички и често неразбирлив за нив, а рехабилитацијата, од различни причини, може да биде многу тешка и несоодветна, па децата може и никогаш да не развијат говор, појаснува за МИА, Ирена Лозановска Панчевска, родител на дете со оштетен слух и имплантиран кохлеар.

Образованието без капацитет за потребите на овие деца

Таа потенцира дека со инклузијата, овие деца се влезени во регуларното образование, но тоа, според неа, нема капацитет да одговори на нивните потреби.

- Потребни се поголема свесност дека овие деца се високофункционални, има потреба од голем број нагледни средства преку што овие деца го совладуваат материјалот и секако, посебен акцент на образовните асистенти кои треба да имаат познавање од знаковниот јазик, како јазик на комуникација со глувата популација, вели Лозановска-Панчевска.

Порачува секој да се стави во улога на овие лица, односно да си замисли како е да поминат еден ден без да изговорат ниту еден збор. 

- На нас е да им помогнеме да научиме да комуницираме со нив, за да се почувствуваат рамноправни со нас, но и корисни. На крај на денот и целта на тоталната инклузија, но и на Конвенција за правата на детето на што Македонија е потписник, е секое дете да добие соодветен пристап според попреченоста за непречено образование и со завршувањето на образовниот циклус да извадиме единка која ќе може самостојно да живее, работи, создава семејство и најважно од сѐ, да биде прифатена и разбрана од околината, нагласува Лозановска Панчевска.

Одбиваат слушни апарати за да не бидат посрамотени

Сања Јовиќ Ѓорѓиевски е претседателка на Здружението на родители на деца и младинци со тешко оштетување на слухот и корисници на кохлеарни импланти, „Кохлеарно срце“ - Велес. Таа потсетува дека од 2019 година до денес, биле одржани бројни средби со соодветните институции инволвирани во процесите што се во корелација со почитувањето на правата на децата и лицата со попреченост, според Меѓународната конвенција за правата на децата и лицата со попреченост. Се разговарало за секојдневните проблеми на овие лица. Некои од проблемите биле решени. Други делумно, па имало потреба од поедноставување на некои административни процедури.

- Процесот на имплантација да се прави на помала возраст со цел поголеми постигнувања на децата во делот со говорот. Пристапност на рехабилитациските третмани. Бесплатни рехабилитациски третмани има во Скопје и Битола во центрите за рехабилитација на говор, во другите градови тоа е на сметка на родителите. Овој дел претрпе измени, но, процесот на лиценцирање на приватни центри е многу долг и сѐ уште го немаме почуствувано ние како корисници, подвлекува Јовиќ Ѓорѓиевски во изјава за МИА.

Меѓу другите потреби на овие лица, таа ја истакнува и потребата од проширување на листата за користење на правото на скратено работно време за родителите на деца со оштетен слух, согласно степенот на потребите од рехабилитацијата на детето.

- Главниот фокус на Здружението оваа година е на подигањето на свесноста на целокупното население за постоењето на оштетениот слух како сетилна попреченост. Во нашето општество постои општо неприфаќање и стигматизација за користењето слушни помагала, од најобичните апаратчиња за слух - слушни амплификатори, па сѐ до кохлеарниот процесор. Слушните апарати се кријат или попрво се бира да не се носат, отколку да се биде „посрамотен“ ако некој ги види, нагласува Јовиќ Ѓорѓиевски.

Таа порачува дека е време да се прифати оти и глувите деца се дел од нашето општество, а знакот и гестот се нивно средство за комуникација.

- Ние самите го правиме општеството да биде со или без дискриминација. Ние сме општеството, да почнеме од промена кај себе. За еднакви права и можности, за инклузија во секој сегмент: ран детски развој, образование, работа, додава таа.

Корисниците на кохлеарните импланти со ова современо технолошко решение - кохлеарен имплант, како што додава таа, се мостот помеѓу глувите и слушачите.

- Кохлеарниот имплант е решение за глувост. Со овој оперативен зафат и користењето на кохлеарниот процесор се дава шанса на потполно глувите лица да слушаат и со многу, многу работа, овие лица имаат шанса за развивање говор, иако тука е многу важно да се напомене дека возраста при имплантацијата игра клучна улога. Овие лица се високо функционални и во соодветни услови и со добри помагала, соодветен рехабилитациски процес, поддршка во штелување и така натаму, тие имаат шанса да испаднат од попреченоста, со процесорот слушаат, со развивање говор - тие би биле како и децата - лицата без попреченост. Но, не смееме да заборавиме дека ако се испразни батеријата на кохлеарниот процесор, тие се пак глуви, односно се комплетно зависни од помагалото. Токму поради оваа функционалност на глувите кои користат кохлеарен импплант, тие можат да бидат мостот во секојдневието за глувите лица кои и онака имаат многу предизвици поради неможноста за комуникација во средината каде живеат, појаснува претседателката на здружението.

Јовиќ Ѓорѓиевски се осврнува и на активностите за покренување на свеста за постоењето на овие лица, во месец декември. Еден од настаните се одржува денеска во културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје, на тема „Подигнување на свеста за дискриминацијата кај сетилните попречувања: еднаквост за сите деца“. На 23 декември, на истото место, по петти пат ќе се одржи предновогодишна забава за децата со оштетен слух.

- Овојпат ги поканивме и членовите од Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“. Ова е за првпат конкретна соработка со „Млад знак“ и за сите многу важно, бидејќи за првпат од моментот на прво имплантираното дете во Македонија пред 20 години - глувите лица и лицата со кохлеарни импланти застануваат заедно на браникот на правата на лицата со оштетен слух. Ги повикуваме сите добронамерни граѓани и општествено-одговорни компании да израдуваат барем едно дете со оштетен слух и да се придружат во акцијата „Новогодишен подарок за секое дете со оштетен слух“. Воедно сакаме да изразиме огромна благодарност кон нашите пријатели од „Лабораториум“, кои освен што ги отворија своите врати за нас, ги отворија и своите срца и ни посветуваат многу време и внимание за да направиме една посебна и забавна новогодишна забава за нашите најмали и најмили, додава Јовиќ Ѓорѓиевски.

Блаже Дарудов

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан