• понеделник, 02 февруари 2026

Трајков: Владата е силно посветена на борбата против корупцијата

Трајков: Владата е силно посветена на борбата против корупцијата

Скопје, 2 февруари 2026 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска одржа состанок со експерти од оценската мисија за борба против организираниот криминал и корупцијата, кој се спроведува со претставници на надлежните институции од Македонија и високи европски претставници.

Како што информира Министерството за европски прашања, заменик-министерката Трајков ја истакна важноста на процесот на следење и имплементација на препораките од претходните оценски мисии, како и значењето на овој процес во контекст на европската интеграција на државата.

- Владата е силно посветена кон зајакнување на владеењето на правото, транспарентноста и борбата против корупцијата, како и кон унапредување на соработката со Европската Унија во рамките на пристапниот процес. Овој состанок претставува можност за конструктивен дијалог, размена на искуства и зајакнување на институционалната соработка со цел унапредување на владеењето на правото - порача Трајков.

Оценската мисија, како што се наведува, се реализира со учество на експерти од земјите членки на Европската Унија и претставници на Европската комисија, а нејзина цел е да се направи детаљна анализа на напредокот во областа на конфискација на имот, квалитетот на истрагите и судските постапки, како и справувањето со корупцијата во контекст на јавните набавки.

Од Министерството за европски прашања нагласуваат дека во текот на мисијата се одржуваат состаноци со претставници на судската власт, Обвинителството, органите за спроведување на законот, како и со институции надлежни за спречување на корупцијата, финансиска контрола, управување со конфискуван имот и јавни набавки. Посебен акцент се става на квалитетот и ефикасноста на истрагите, институционалната координација и примената на посебни истражни мерки. мд/вј/

Фото: Министерство за европски прашања 

 

Остани поврзан