• среда, 06 ноември 2024

Трајковски: Успешна хуманитарна помош за Украина

Трајковски: Успешна хуманитарна помош за Украина
Делчево, 7 март 2022 (МИА) - Хуманитарната помош, која во изминатите неколку дена се реализира по иницијатива на Општина Делчево, е подготвена за транспорт во Украина. Градоначалникот Горан Трајковски на прес-конференција изрази јавна благодарност до сите хумани луѓе кои во време на хуманитарна катастрофа во Украина донираат со цел да се ублажи страдањето и болката и да се помогне на луѓе во неволја. - Акцијата повторно ја разбуди хуманоста, на пунктот се собрани во големи количини потребните средства кои ќе помогнат на граѓаните од Украина. Акцијата е наша реакција на актуелната хуманитарна катастрофа во Украина и страдањето на граѓаните на оваа земја од воените дејства, но и одговор на апелот испратен до Општина Делчево од пријателската Општина Тернопил од Украина. Во оваа прилика изразувам благодарност до сите хумани луѓе, до сите општествено одговорни фирми кои, како и многу пати досега, и денес ја покажуваат својата човечно и хуманост, истакна Трајковски. Собраните средства денеска ќе се пакуваат и селектираат, по што ќе бидат дистрибуирани согласно со насоките од Амбасадата на Украина во Скопје. - Донациите се состојат од храна, средства за хигиена, бебешки пелени, бебешка храна и облека, санитатески материјали и лекови, ортопедски помагала, постелнини и ќебиња, кои се само дел од помошта собрана изминативе денови на собирниот пункт отворен во Спомен-домот АСНОМ во рамки на хуманитарната акција, додадоа од Општина Делчево.
На листата донатори се запишаа голем број граѓани, институции, општествено одговорни фирми, здруженија на граѓани, носители на јавни функции, но и многу граѓани кои лично придонесоа во реализацијата на акцијата. До сите нив Општината изрази јавна благодарност на општинската веб-страница. вс/мд/

Остани поврзан