• понеделник, 23 декември 2024

Трајан Гоцевски за МИА: Армијата - дипломат од највисок ранг во етаблирањето на Северна Македонија во евроатлантската безбедносна зона

Трајан Гоцевски за МИА: Армијата - дипломат од највисок ранг во етаблирањето на Северна Македонија во евроатлантската безбедносна зона
Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Актуелните случувања во светот во овој период на геополитички тензии и воени конфликти, покажаа колкава е потребата од кредибилна Армија и од членството во НАТО, кои денес претставуваат важен стабилизирачки фактор за Република Северна Македонија, вели во интервју за МИА поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски. Интеграциските процеси на Балканот даваат видливи резултати, додава тој, а членството на Северна Македонија во НАТО имаше силен стабилизирачки ефект на регионот, што е особено видливо денес во оваа нова безбедносна реалност. Денеска, на 18 август се навршуваат три децении од формирањето на Армијата. Изминаа три децении од донесувањето на Законот за одбрана на независна Република Македонија, на 14 февруари 1992 година, со кој се овозможи формирањето на македонската Армијата. Во овој период Армијата со скромни ресурси, на достоинствен начин се справуваше со сите безбедносни предизвици и ризици со кои се соочуваа државата, граѓаните, но и пошироко. По тој повод наш соговорник  беше професорот д-р Трајан Гоцевски, член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија и министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија, под чие непосредно раководство во 1992 година беше формирана Армијата на Република Македонија. Тој во интервјуто за МИА прави ретроспектива на развојот на Армијата до денес, на предизвиците со кои се соочувала низ овие 30 години, на предизвиците со кои се соочува денес. Потсетува на процесот на формирањето на Армијата, но и на сложените услови во тоа време, во кое тогашното државно раководство успеало да го заокружи политичкото, военото и одбранбено осамостојување по мирен пат. - Бевме подготвени да ги браниме сувереноста, независноста и територијалниот интегритет во какви било услови, но не со воено сценарио. Бевме свесни дека едно такво сценарио можеше да стави крај на нашето осамостојување. А такви сценарија имаше повеќе. Едното беше отворање на т.н. Јужен фронт, другото беше без крв не се создава држава, па да отвориме војна со ЈНА, потоа имаше идеја наместо АРМ да формираме еднонационална македонска гарда и сл. Сите тие сценарија, доколку беа прифатени од наша страна, ќе беа погубни за нашата Република, истакнува Гоцевски за МИА. Тој нагласува дека денес како членка на НАТО помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет, мирот и стабилноста. - Подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме. Кога претходно Македонија можела да го прави тоа?, вели Гоцевски за МИА. Тој нагласува дека во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна и професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува со новите закани и со асиметрични и хибридни закани на 21. век. Гоцевски додава дека Армијата за овие 30 години целосно се трансформира во современа и респектабилна институција, дел од евроатланската безбедносна зона. За можностите за натамошен развој на Армијата, Гоцевски нуди неколку предлози, а меѓу нив ја наведува и потребата од национално единство за промена на курсот кон инвестирањето во развојот на системот на национална безбедност и посебно кон Армијата. - Најпрво по секоја цена мора да се одржува нужната борбена готовност на нашата Армија, на долга патека, без разлика на политичката опција која е на власт во државата. За постигнување на таа цел потребен ни е стабилен систем на финансирање на Армијата, на краткорочен, среднорочен и на долгорочен план. За да се постигне, пак таа цел потребно е постојано вложување во Армијата, без осцилации, како што ги имавме во изминатите три децении. Нужна е и модернизација на Армијата, без одлагање и во континуитет, на среднорочен, но и на долгорочен период. Потребна е и замена и перманентно технолошко унапредување на борбената опрема и борбените системи на Армијата, вели Гоцевски. Додава дека мора да се обезбеди стабилно и зголемено финансирање на Армијата согласно системот на планирање програмирање и буџетирање, како и со заклучоците од самитот на НАТО од Кардиф, за минимум два отсто од БДП за одбраната. Следната голема реформа, која е веќе во тек во западните системи, нагласува Гоцевски е поефикасно соочување со хибридните и кибер заканите и со нивниот најистурен аспект - дезинформациите, вселенската одбрана, заштитата на критичната инфраструктура и заштитата на информатичките системи во сите области. Во интервјуто тој говори и за Стратешкиот дијалог со САД, при што напоменува дека во рамките на овој процес веќе е разговарано и за унапредување на кибер – безбедноста. - Ние веќе сме во фаза на развој на капацитети за справување со дезинформации и тоа токму со американска поддршка, додава Гоцевски. Поранешниот министер за одбрана смета дека Стратешкото партнерство со САД е најбитната алатка за развој и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија, како досега, така и во иднина. Во продолжение следува целото интервју со министерот за одбрана во првата Влада на независна Македонија, Трајан Гоцевски: Професоре Гоцевски, по 30 години од формирањето на Армијата, кои се вашите размислувања за досегашните, но и за идните чекори, кои треба нашата држава да ги преземе со цел Армијата да си го зачува високиот углед дома, но и на меѓународната сцена, кој го градеше три децении наназад? - Поминаа 30 години од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија, време достојно за почит и анализа на постигнатото. По тој повод упатувам најискрени честитки до сите припадници на Армијата и нивните семејства, кои со својата пожртвуваност пред три децении ја загарантираа нашата независност како држава и три децении бдеат, како над независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјава, така и за зачувувањето на регионалниот и светскиот мир и безбедност. Зад нас имаме солидно тридецениско искуство во кое, како независна и суверена држава, имаме и своја Армија, првпат во нашата понова историја. А тоа не е малку. Сонот за своја држава и за своја Армија го сонуваа генерации македонски дејци со векови наназад. Можеби бавно, но три децении, стабилно се етаблираме како држава на немирниот Балкан. Тоа е факт кој треба да го респектираме. Што се однесува до Армијата на Република Северна Македонија без никаква скромност, таа во овој период постигна многу. Денеска по три децении нашата Армија е дел од  воената структура на НАТО која обединува армии на 30 најразвиени држави од евроатлантската зона, со над една милијарда жители. Армијата на Република Северна Македонија е дел од најмоќната и најуспешната политичко-воена Алијанса, што светот ја познава досега. Чест ми е да ги поздравам сите ветерани на македонската одбрана, војници, офицери, генерали, началници на ГШ, министри за одбрана и се разбира врховните команданти - претседателите на државата, на кои им беше доверена највисоката задача, која некој може да ја има во една држава, а тоа е - одбраната на својата земја. Да се сочува најсветото на народот, тоа се суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на македонска држава. Точно пред три децении, со својата новоформирана Армија, Македонија ја презеде контролата над целата своја територија, што е основен белег на секоја суверена држава. Тоа беше и условот на меѓународната заедница, за да не прифати како суверена држава. Тоа нашата јавност не го знае во детали, па често како факт не се потенцира. На овој важен момент за Македонија, да се формира своја Армија, му претходеа клучни процеси и настани кои имаа стратешко значење, во поширок контекст, како што беа, падот на Берлинскиот ѕид, крајот на Студената Војна, крвавиот распад на Југославија од кој со многу умешност на тогашното државно раководство и со помош од нашите стратешки пријатели, успеавме да се извлечеме без војна, референдумот за независност на Македонија од 8 септември, Уставот од ноември 1991-та и конечно Законот за одбрана од 14 февруари 1992 година, со кој се создаде законската рамка за формирање на нашата Армија. Во тие бурни времиња, кога на просторот на поранешната југословенска федерација, чиј дел бевме и ние, беснееја вооружени конфликти со гранатирани градови, илјадници цивилни жртви и стотици илјади бегалци, со економски ембарга и политички блокади, ние ја почнавме битката за наше пошироко меѓународно етаблирање, а за тоа услов беше да се исели ЈНА од Македонија, како туѓа војска и да се формира сопствена армија. Во такви сложени услови, тогашното државно раководство успеа да го заокружи политичкото, военото и одбранбено осамостојување по мирен пат. Бевме подготвени да ги браниме сувереноста, независноста и територијалниот интегритет во какви било услови, но не со воено сценарио. Бевме свесни дека едно такво сценарио можеше да стави крај на нашето осамостојување. А такви сценарија имаше повеќе. Едното беше отворање на т.н. Јужен фронт, другото беше без крв не се создава држава па да отвориме војна со ЈНА, потоа имаше идеја наместо АРМ да формираме еднонационална македонска гарда и сл. Сите тие сценарија, доколку беа прифатени од наша страна, ќе беа погубни за нашата Република. На самиот почеток, препознавме дека витален интерес за нашата национална одбрана и безбедност е интеграцијата во НАТО, како најважен систем за колективната одбрана и безбедност во поновата светска историја. Но, во исто време, сфативме дека се работи за заедница на демократски држави, кои веруваат и практикуваат ист систем на вредности, кои се битни и за нас како држава. Исклучително е значајно што зад оваа стратешка цел застанаа огромното мнозинство од граѓаните на македонската држава, но и на сите релевантни политички фактори, па таа идеја успешно се реализира. По три децении Република Северна Македонија и нашата Армијата се рамноправен дел од овој престижен клуб од 30 држави - НАТО. Тоа е големата слика за нас. Накусо низ какви се предизвици помина нашата држава и Армијата во овие 30 години? Долг е списокот на предизвици низ кои поминавме и за Армијата и за државата. Тоа е нашата судбина со столетија наназад. Нема ништо ново. Но, нашите позиции денес, како на држава се многу поразлични од порано. Ние сме дел од ОН и од евроатлантската безбедносна структура. Тоа треба добро да го знаат оние кои не и мислат добро на Македонија. Денес целата територија на Северна Македонија е дел од НАТО. Најважно од се е тоа што денес имаме своја независна и суверена држава, вековен идеал на македонскиот народ и на граѓаните кои живеат во неа. Каде сме денес, па земјата е членка на ОН и на другите меѓународни организации, на НАТО, ние сме држава која ги  започна преговорите со ЕУ, градиме систем на парламентарна демократија, развиваме функционална пазарна економија, имаме своја Академија на науките, универзитети, училишта, имаме свој систем за национална безбедност, имаме своја Армија, имаме своја дипломатска мрежа, ги имаме сите државни институции, имаме своја Црква. Треба достојно да продолжиме да ги развиваме сите институции, а со тоа и самата држава и нејзината отпорност кон новите безбедносни предизвици, кои ги носи времето. Тоа е само наша задача и никој не може однадвор да ни ја решава. Секој граѓанин треба да вложи дел од себе за својата држава, а секој политички субјект како стратегиска цел треба да ги има државните и националните интереси, а потоа партиските и личните. Тогаш ќе имаме стабилна и просперитетна држава. И, пред се, и над се наша држава. Што се однесува до Армијата, таа за овие 30 години целосно се трансформира во современа и респектабилна институција, дел од евроатланската безбедносна зона. Голема доблест за Армијата и се разбира и голема одговорност. Започнавме скромно, со капацитетите што ги имавме во Територијалната одбрана на СРМ и со потенцијалот и луѓето од Македонија кои служеа во ЈНА. Сојузник ни беше и огромната волја на граѓаните, втемелена врз слободарските традиции на илинденците и на партизаните од антифашистичката борба. Без таа силна поддршка, немаше да успееме. Подоцна, модернизацијата на АРМ се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата, фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар, кој е силата и основата за развој на секоја Армија. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите- членки на НАТО. Секако, најголем придонес во таа смисла даде Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, како модерна високообразовна институција која го создаваше основното јадрото на кадровскиот состав на Армијата на Република Северна Македонија. Армијата стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција и на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратешки партнери на билатерална основа. Во изминативе 20 години нашите војници придонесоа и се уште придонесуваат за мирот и безбедноста во различни делови од светот преку учество во мисиите – ИСАФ, „Слобода за Ирак“, АЛТЕА, УНИФИЛ и КФОР. Со тоа го зајакнавме и нашиот меѓународен кредибилитет затоа што не препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување. Низ целиот овој 30-годишен период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа косовската криза од 1999 година, воениот конфликт од 2001, и мигрантската криза од 2015 година. Армијата се вклучуваше и помагаше и на најразлични кризни и вонредни ситуации, од справување со елементарните непогоди и пожари, до пандемијата на Ковид-19. За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во Армијата битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001 година од кога во нејзините редови почнаа помасовно да  се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество во Армијата, како и на жените, само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал, уште успешно да ги извршува своите уставни и законски обврски. Како ја оценувате моменталната политичка и воена состојба и со што таа се разликува од пред три децении? - Оваа е многу трагично време. Како и пред 30-тина години, денес Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност. Имаме војна во Европа. Имаме закани и ризици од највисок степен. Имаме потенцијал за употреба и на нуклеарно оружје како еден од најголемите апсурди во новото време кое го живееме. Се уште ја имаме пандемијата, која покрај здравствената криза имаше и економски и социјални последици. Сега со руската агресија врз Украина, безбедносната состојба стана истовремено и економска и бегалска и хуманитарна и енергетска криза. Значи сегашната состојба е многу сложена во секој поглед. Ние во нашата понова историја сме носеле многу стратешки одлуки. Тие биле и тешки и ризични. Една од нив беше и одлуката за формирањето на АРМ. Најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк натпартиски и општествен консензус е формирањето на АРМ и истрајноста во нашата европска и евроатлантска ориентација и стратешкото партнерство со САД. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, се покажа колку е потребна кредибилна Армија и членството во НАТО, што денес претставува важен стабилизирачки фактор за Република Северна Македонија. Денес како членка на НАТО помагаме во одбраната  на демократските вредности на слободниот свет, мирот и стабилноста. Подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме. Кога претходно Македонија можела да го прави тоа? Во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна и професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува со новите закани и со асиметрични и хибридни закани на 21 век. И класичните традиционални воени закани остануваат присутни, меѓутоа, новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Свесни сме каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем. За да бидеме подготвени  за соочување и со традиционалните и со новите закани треба да продолжиме да инвестираме во одбраната и во системот за национална безбедност како целина. Како држава треба да продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на нашиот безбедносен систем, особено отпорен на хибридните и кибер закани и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, треба да продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии на мирот, заедно со нашите сојузници од НАТО. Господине Гоцевски, да заклучиме, што понатаму со развојот на Армијата? - По три децении развој и трансформации, мислам дека сега е време, вистински да се свртиме кон иднината. Според моите знаења и големо искуство од оваа проблематика, нам во државата ни е потребно национално единство за промена на курсот кон инвестирањето во развојот на системот на национална безбедност и посебно кон Армијата. Тоа треба да биде долгорочен и на стабилни основи заснован процес, кој треба да се однесува на неколку стратешки прашања од витално значење за нашата национална безбедност и одбрана. Најпрво по секоја цена е морално да се одржува нужната борбена готовност на нашата Армија, на долга патека, без разлика на политичката опција која е на власт во државата. За постигнување на таа цел потребен ни е стабилен систем на финансирање на Армијата, на краткорочен, среднорочен и на долгорочен план. За да се постигне, пак таа цел потребно е постојано вложување во Армијата, без осцилации, како што ги имавме во изминатите три децении. Нужна е и модернизација на Армијата, без одлагање и во континуитет, на среднорочен, но и на долгорочен период. Потребна е и замена и перманентно технолошко унапредување на борбената опрема и борбените системи на Армијата. Ваквата политика мора да биде поддржана од страна на сите политички и државни структури, како што се прави во сите држави членки на НАТО, бидејќи модернизација на Армија не е прашање кое можете да го решите брзо и веднаш. Во некој даден период, можете да имате пари, ама подготвеноста на Армијата за своите мисии, не можете да го направите за една, две или три години. Едноставно тоа е долгорочен и перманентен процес кој треба да биде подржуван од страна на државата. Исто така, мора да обезбедиме стабилно и зголемено финансирање на Армијата согласно системот на планирање, програмирање и буџетирање, како и со заклучоците од Самитот на НАТО од Кардиф, за минимум два отсто од БДП за одбраната. За да го надополниме изгубеното време и да ја надополниме изгубената кондиција на Армијата, потребно е барем за еден среднорочен период издвојувањата за одбраната да се зголемат уште за еден отсто од БДП, средства кои би оделе само за модернизација на Армијата. Тоа би бил првиот чекор кој би ја придвижил Армијата во посакуваната насока. Потребно е и зголемување на квалитетот на човековиот потенцијал во Армијата, согласно безбедносните процени за ризиците и предизвиците со кои би се соочувала Армијата во иднина. Ние мора да ги преоцениме ризиците и предизвиците, со кои би се соочувала Армијата во иднина и да ја опремуваме и подготвуваме за справување со нив. А такви ги имавме многу. Бегалската криза, пожарите, здравствената криза, предизвикана од пандемијата со корона вирусот, асиметричните закани, кибер нападите, заштитата на критичната инфраструктура  и слично, сето ова не упатува на тоа. Во таа насока треба да ги прецизираме новите мисии на Армијата на внатрешен план, за што е потребно да се иновираат основните документи на државата за Кризниот менаџмент. Се разбира тука е и учеството во НАТО мисиите, мисиите на ЕУ и се разбира мисиите на ОН. Мораме и да ги пополниме, опремиме и увежбаме декларираните единици во рамките на НАТО, за да останеме сериозна членка. Околу идните мисии на Армијата сметам дека потребно да се направи целосна и продлабочена анализа на состојбите и на база на оценките од неа, да се направи преоценување во која насока би одел идниот развој и модернизација. Иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста, затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори. Ќе споменам само неколку  примери од последните  години, кога се уверивме дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со тешки состојби и во сосема други области. Сите бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата, кога делови од армиските единици беа ангажирани во поддршка на здравствените и други институции во државата. Или пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на минатото лето. Понатаму учеството на Армијата во справувањето со бегалската криза. Сега членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани, но ние треба да си ги исполниме нашите обврски кон развојот и опремувањето на нашата Армија. Тоа е од особен интерес пред се за сигурноста на нашите граѓани, а потоа и за колективната одбрана, која исто така е од пресудно значење за нашата безбедност и стабилност на долги патеки. Следната голема реформа, која е веќе во тек во западните системи во областа на одбраната, безбедноста и разузнавачките системи е заради подобро соочување со хибридните и кибер заканите и со нивниот најистурен аспект - дезинформациите, вселенската одбрана, заштитата на критичната инфраструктура и заштитата на информатичките системи во сите области, а сето ова нема да не одмине и нас. Во иднина насочувањето на инвестициите во модернизирањето и опремувањето на Армијата, мора да оди во таа насока, бидејќи со јакнење на нашите одбранбени капацитети и потенцијали придонесува кон зголемувањето на безбедноста и сигурноста на нашето општество. Како целина и неговата отпорност кон новите закани ризици и предизвици. Дали стратешкото партнерство со САД оди во таа насока? - Јас мислам дека стратешкото партнерство со САД е најбитната алатка за развој и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија, како досега, така и во иднина. Соработката на нашата Армија со Армијата на САД има тридецениска традиција и е во постојан подем, даде огромен придонес за нашата Армија да го има високиот рејтинг во земјата и надвор од неа. Тоа е неспорен факт. Но, по приемот на Северна Македонија во НАТО и по военото интегрирање на нашата Армија во структурите во НАТО, а во контекст на новонастанатата геополитичка и военостратегиска состојба, кога имаме реална војна на тлото на Европа, Армијата мора да се продолжи да се увежбува, развива, модернизира и технолошки да се унапредува. Затоа модернизацијата на Армијата е круцијална во рамките на Стратешкиот дијалог со САД. Армијата мора да ја задржи и подобри својата борбена готовност, интероперабилност и вклученост во мисиите на НАТО, кои ќе ги наложи времето кое доаѓа. Во таа насока Стратешкиот дијалог ја потенцира посветеноста на двете армии за организирање на заеднички вежби и обуки, кои се најдобриот начин да достигнеме целосна и континуирана подготвеност. На тој план активностите ќе се интензивираат уште повеќе. Опремувањето и модернизацијата на нашата Армија, стана императив на времето. Во таа насока е најавена и дополнителна финансиска поддршка од САД за процесот на модернизација на Армијата. Денешната нова безбедносна реалност во Европа, налага да имаме уште поблиска и уште поинтензивна соработка со САД, со цел да се обезбеди мирот, безбедноста и стабилноста на евроатлантската област. Интеграциските процеси на Балканот даваат видливи резултати, а членството на Северна Македонија во НАТО имаше силен стабилизирачки ефект на регионот, што е особено видливо денеска во оваа нова безбедносна реалност. Напорите за развој на армиските капацитети, со помош на САД, се за пример, што може да се види и преку инвестирањето во нова опрема согласно стандардите на Алијансата. Се покажа и значењето на армискиот полигон Криволак кој, со помош на САД, во рамките на стратегиското партнерство ќе продолжи да се развива и во иднина. Во рамките на стратешкиот дијалог со САД во одбраната, се разговараше и за унапредување на кибер-безбедноста, при што се укажа на опасноста од хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите. Ние веќе сме во фаза на развој на капацитети за справување со дезинформации и тоа токму со американска поддршка. Професоре Гоцевски, за крај, можете ли во неколку збора да ја опишете нашата Армија? Тоа е тешка задача, но 30-годишниот  јубилеј на нашата Армија ме предизвикува да се обидам да го направам тоа. Еве како би ја опишал нашата Армија. Стабилизатор на прогласената независност на нашата држава, по референдумот од 8 септември 1991 година, па се до денес. Сигурно рамо на кое може да се потпре државата и граѓаните во каков било ризик, кохезивен фактор во македонското општество, коридор по кој стабилно и упорно ја носеше нашата држава кон евроатлантската Алијанса, дипломат од највисок ранг во безбедносното етаблирањето на Северна Македонија во евроатлантската безбедносна зона, контрибутор во зачувувањето на регионалниот и светскиот мир и безбедност, преку многуте успешни меѓународните мисии на мирот, институција со најголема доверба во земјата и најпосакуван партнер надвор од неа. Честит нека ни е 30-годишниот јубилеј. Да ни е вечна нашата татковина, да ни е вечна Армијата. Ана Цветковска фото: МИА архива и приватна архива на Трајан Гоцевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан