• петок, 15 ноември 2024

Повеќе дневни интервенции на Клиниката за ортопедски болести со новиот артроскопски столб

Повеќе дневни интервенции на Клиниката за ортопедски болести со новиот артроскопски столб

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Набавката на новиот артроскопски столб придонесе да се зголеми бројката на артроскопски интервенции што се изведуваат на дневно ниво. Најголемиот дел од овие интервенции се изведуваат со локална анестезија, што овозможи пациентите да не лежат во болница, туку да се лекуваат на еднодневна база, што значи прием, операција и испис на пациентот во рок од 24 часа. Ова го истакнал директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Александар Трајановски, откако Министерството за здравство (МЗ) за Клиниката за ортопедски болести набавило нов артроскопски столб наменет за пациентите.

Како што соопшти МЗ, министерот Фатмир Меџити денеска ја посетил ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар, каде остварил средба со менаџментот и вработените на установата.

- Станува збор за најсовремена апаратура со што значително ќе се подобри и забрза работењето на здравствениот персонал. Чест ми е што установата вложува во зајакнување на капацитетите. Во време на Ковид-кризата целосно беа реновирани просториите на Клиниката за ортопедија со што се подобрија условите за работа и за престој во болница, се наведува во писмената изјава на министерот.

Како што додаваат од МЗ, на Клиниката за ортопедски болести на годишно ниво се вршат околу 300 артроскопски интервенции на колено, околу 60 реконтрукции на лигаменти, како и артроскопски интервенции на рамо.

Набавката на ваквата пософистицирана опрема го зголемила квалитетот во изведувањето на артроскопските интервенции. бд/са/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан