• вторник, 25 март 2025

Трамп за преговорите за војната во Украина: Во моментов зборуваме за територија

Трамп за преговорите за војната во Украина: Во моментов зборуваме за територија

Вашингтон, 24 март 2025 (МИА) - Во досегашниот тек на преговорите во Ријад,  вчера се одржа средба меѓу американската делегација и украинските претставници, а денеска со руската делегација.

Разговорите досега главно се фокусираа на ограничен прекин на огнот што ќе овозможи безбедност на бродскиот сообраќај низ Црното Море до и од Украина. Но, американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Белата куќа дека сега се на маса и други теми.

- Во моментов зборуваме за територија. Зборуваме за линии за разграничување. Зборуваме за моќ, за сопственост на електрани. Некои велат дека САД треба да ги поседуваат електраните... затоа што ја имаме таа експертиза, рече Трамп.

Во последните денови, преговорите се фокусираа на можноста за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, што може да го отвори патот за привремен прекин на огнот, а потоа и за постојан мировен договор.

Трамп, исто така, рече дека очекува наскоро да биде потпишан американско-украинскиот договор за поделба на приходите од украинските ретки минерали.

Инаку, вечерва во 20 часот по македонско време, Трамп треба да се сретне со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри.

Настанот ќе биде отворен за новинарите од Белата куќа и се очекува Трамп да зборува на други теми и да одговара на прашања, меѓу кои и веројатно и за разговорите за Украина кои моментално се одржуваат во Саудиска Арабија.

Подоцна, Трамп и Белата куќа организираат церемонија по повод Денот на независноста на Грција. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан