• понеделник, 23 декември 2024

Тошковски и Јанев: Борбата со криминалот и корупцијата ќе биде бескомпромисна

Тошковски и Јанев: Борбата со криминалот и корупцијата ќе биде бескомпромисна

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и новоименуваниот директор на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, остварија работен состанок со раководството на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, на кој, како што информираат, било потврдено дека уште од првиот работен ден, ова раководство на МВР ќе биде посветено кон бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, што е впрочем и еден од главните столбови на владината програма.

Токму поради тоа, се вели во соопштението од кабинетот на Тошковски, првата посета се реализира во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Министерот Тошковски, како што информираат од неговиот Кабинет, потенцирал дека целта на ова раководство на МВР е создавање на полиција која ќе работи исклучиво во служба на граѓаните и вистински ќе се бори со криминалот.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска при преземање на функцијата потенцираше дека ќе работи под мотото ред, закон и интегритет за создавање на безбедност без компромис за сите граѓани со висок стандард на професионализам и посветеност на полициските службеници. аа/вг/

Фото: МВР

Остани поврзан