• петок, 22 ноември 2024

Тина Тарнер почина на 83 години

Тина Тарнер почина на 83 години

Цирих, 25 мај 2023 (МИА) - Рокенрол-кралицата Тина Тарнер, чии поп-хитови и соул-класици како „The Best“ и „What's Love Got to Do With It“ ја направија светска музичка икона, почина вчера на 83-годишна возраст, во Цирих, Швајцарија.

Родена во американската сојузна држава Тенеси во фармерско семејство, оваа глобална суперѕвезда почнала како еден од придружните вокали во „Кралевите на ритамот“ на нејзиниот сопруг Ајк. Првично се прославија како група, во 60-тите, со песни како „Proud Mary“ и „River Deep, Mountain High“... Но, со Ајк се разведоа 1978 година, поради неговото злоставување кон неа. Сепак, потоа таа постигна уште поголем успех како солопејачка, во 80-тите. Тина Тарнер е позната по своите енергични настапи и нејзиниот моќен и „лут“ глас.

Се обиде и како глумица, па меѓу неколкуте филмски и ТВ-улоги, можеби најзапаметена ѝ е улогата во познатиот филм „Лудиот Макс 3“, спроти Мел Гибсон.

Среќата, вели, ја нашла со својот втор сопруг - германскиот музички продуцент Ервин Бака. Тие почнаа да се гледаат во средината на 80-тите, а се венчаа 2013 година.

Пејачката последниве години страдала од голем број здравствени проблеми - рак, мозочен удар и откажување на бубрезите.

Има освоено осум „Греми“ награди и беше примена во Рокенрол-куќата на славните во 2021. како солоуметник. Но, првпат беше претставена со поранешниот сопруг Ајк, во 1991 година.  си/сд/

Фото: ИМДБ.

Остани поврзан