• недела, 22 декември 2024

Тиквешкиот регион добива Советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство

Тиквешкиот регион добива Советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство
Кавадарци, 23 март 2022 (МИА) - Тиквешкиот регион го добива првиот регионален Советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство. Во Кавадарци денеска беше потпишан меморандум за воспоставување на ваков центар, како и договор за финансиска поддршка на граѓански организации. Документите ги потпишаа градоначалниците на Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, како и претставниците на Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Здружението за родова еднаквост „Визија“ од Кавадарци. Советувалиштето ќе биде во кавадаречка општина, лесно достапно до лица со физичка попреченост. Ќе проработи најдоцна за два месеца. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека главна цел на овој проект е да се подобри пристапот до специјализирани сервиси за жени и деца, жртви на родово базирано и семејно насилство. - Се надевам дека ќе успееме да дадеме поддршка и да го спречиме повторувањето на идно насилство, ќе овозможиме јакнење и осамостојување на жртвите и надминување на траумите и последиците, нагласи Јанчев. Лазар Петров, градоначалник на Демир Капија, беше дециден дека ваков центар е од исклучително значење и повеќе од потребен. - Секоја личност има право да се чувствува безбедно и спокојно, нагласи Петров, изразувајќи надеж дека ќе се намали бројот на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Неготинскиот градоначалник Горан Стојанов рече дека се очекува активно да се работи на подобрување и унапредување на социјалните услуги, на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство, на подигнување на јавната свест преку кампањи. Стојан Николов, градоначалник на Росоман, исто така изрази задоволство од реализацијата на еден ваков проект. - Се надевам дека овој проект, пред се, ќе придонесе за подигнување на јавната свест, а на жртвите ќе им се помогне. Се надевам дека исто така, вакво нешто ќе спроведат и други општини, додаде Николов. Елена Димушевска, извршна директорка во Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, изрази благодарност до градоначалниците за финансиската поддршка. - Според годишните статистики, во општините вклучени во овој проект, бројките на жртви на насилство растат, информираше таа. Во советувалиштето ќе се нуди помош од стручни лица од различни профили. Благодарност за поддршката од градоначалниците изрази и Благица Коцева-Тодорова, претседател на „Визија“. - Ја продолжуваме нашата мисија за давање поддршка на оваа група на граѓани. Да ги охрабриме и да им кажеме дека не се сами со нашето заедничко мото „Живот без насилство“, нагласи Коцева-Тодорова. свд/мс/

Остани поврзан