• петок, 15 ноември 2024

Тетово нема соодветно обележани пешачки премини, пешаците се расправаат со возачите

Тетово нема соодветно обележани пешачки премини, пешаците се расправаат со возачите
Тетово, 2 јули 2022 (МИА) - Во Тетово ако пешак треба да помине улица, треба многу да внимава како и кога преминува коловозна лента затоа што пешачки премини речиси и да не постојат.  Дури и на четирите најголеми булевари пешачките премини се избледени и тешко воочливи. Кај дел од премините белата боја ја има само на крајните ленти поблиску до тротоарите. Некаде воопштo и не се забележуваат, а само на поновo реконструираните улици има соодветно обележани премини. - Обележан пешачки премин е дел од површината на коловозот, наменет за премин на пешаци преку коловозот и обележан со ознаки на коловозот и со сообраќаен знак за известување, гласи одредбата за пешачки премин во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Но, поради тоа што пешачките премини ги нема, често пати поради ваквата состојба доаѓа и до вербални расправии, но и напади и физички пресметки помеѓу пешаци и возачите. За многу вакви случаи тетовци споделуваат искуства на социјалните мрежи, а таквите инциденти се евидентирани и во тетовската полицијата. Во Општина Тетово велат дека за да се почне со ново бојадисување на премините, преку тендер треба да најдат фирма која тоа ќе го направи. - Околу обележување/бојадисување на пешачките премини низ улиците во градот, Ве информираме дека во тек е тендерска постапка. Откако ќе завршат процедурите, ќе започнеме со етапно обележување на хоризонталната сигнализација во градот, се вели во одговорот од Канцеларија за комуникации и односи со јавност при Општина Тетово, на прашањето зошто не се обележани соодветно со бела боја пешачките премини на булеварите и улиците низ градот. Од тетовската полиција потсетуваат дека поставувањето и одржувањето на сообраќајната сигнализација во Тетово (семафори, знаци, пешачки премини и слично) е во непосредна надлежност на тетовската локална самоуправа. За да се обноват веќе избледените, а со самото тоа и нефункционални пешачки премини, потребна е согласност за времена измена на сообраќајниот режим од МВР. -Таква согласност Општината ќе треба да добие од СВР Тетово, согласно член 14 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а по претходно доставен проект за таа цел и намена. Засега до СВР Тетово нема доставено таков проект. Службите на СВР Тетово во неколку наврати реазлизирале таканаречено теренско извидување и констатирале бројни недостатоци на сообраќајната сигнализација во градот, по што изготвиле и соодветни поднесоци, согласно споменатиот закон, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово. Во ситуација кога нема соодветен пешачки премин и авто-школите имаат предизвик, како да ги обучат младите возачите на правилно однесување во сообраќајот. Според професорот по технички науки Раман Амети добра околност е што авто-школите имаат можност да ги советуваат младите на општите сообраќајни правила. Раководејќи се по нив, ризикот за удрирање на пешак со возило е помал, објаснува тој. -Едноставно треба да се вози внимателно и со што е помала брзина на возилата. При возење низ градот да го почитува правилото да не се вози со над 50 километри на час. Мора возачот на 100 метри од неговото возило многу внимателно да гледа кој поминува и како поминува за да не дојде до несакана ситуација. Да не се загрози човек кој поминува улица, особено кога станува збор пешаци како што се постари луѓе кои имаат проблеми со видот и концнетрацијата, како и деца кои не ги знаат се уште правилата. Со возење до 50 километри и при судир нема да има потешки последици. Треба да се советувааат младите возачи на пример додека возат да не гледаат реклами, туку да ја следат целокупната ситуација во сообраќајот, други возила, пешаци, мотоцикли и слично, изјави Раман Амети. И во законот за безбедноста на патниот сообраќај се вели дека кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин. Според статистичките податоци евидентирани во СВР Тетово изминатите речиси шест месеци од оваа година на поширокото тетовско подрачје вкупно се регистрирани  36 сообраќајни несреќи во кои биле инволвирани  45 пешаци, а во кои двајца го загубиле животот, а 43 завршиле со тешки и телесни повреди. Александар Самарџиев

Остани поврзан