• вторник, 05 ноември 2024

„Тесла“ испорача рекорден број автомобили во второто тримесечје

„Тесла“ испорача рекорден број автомобили во второто тримесечје

Лос Анџелес, 3 јули 2023 (МИА) - Производителот на електрични возила „Тесла“ вчера објави дека се испорачани рекордни 466.000 возила во второто тримесечје од оваа година, додека произведени се речиси 480.000, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите.

Повеќето од предвидените седани „Модел 3“ и теренците „Модел Ипсилон“ биле произведени и продадени, т.е. 446.915 испорачани од 460.211 склопени возила. Покрај тоа, „Тесла“ произведе 19.489 од поскапите „Модел Икс“ и „Модел С“, а испорача 19.225 од нив. Аналитичарот на „Ведбуш секјуритис“ (Wedbush Securities), Ден Ајвс го нарече тoa - „трофеј квартал“ за компанијата. Постигната е рекордна испорака на возила, но тоа било очекувано, вели тој, наведувајќи дека „Волстрит“ прогнозирал испорака на околу 447.000 возила.

Во април, „Тесла“ ги намали цените на своите возила по петти пат од јануари, снижувајќи ги трошоците меѓу два и речиси шест отсто.

- Намалувањата на цените од почетокот на 2023 година се исплатеа за Илон Маск и компанијата, бидејќи, се чини, побарувачката останува многу висока и ефикасноста на производството овозможи големи испораки, рече Ајвс.

Овие бројки се значително повисоки во однос на истиот период минатата година. Во вторите три месеци од 2022., имено, „Тесла“ пријави 254.695 испорачани и 258.580 произведени возила. Меѓутоа, во првото тримесечје од 2023 година, автопроизводителот произведе околу 441.000 возила и испорача околу 423.000.

За оваа година „Тесла“ има за цел да испорача вкупно 1,8 милиони возила.  си/сд/

Остани поврзан