Теодорикакос: Уапсено едно лице за подметнување пожар на Пелопонез
- Во изминатите 20 дена во регионот Илиа избувнаа 15 пожари, никој не верува дека ова се случува случајно, рече министерот за цивилна заштита на Грција надлежен за полицијата Такис Теодорикакос
Атина, 25 јули 2022 (МИА) – Во изминатите 20 дена во регионот Илиа избувнаа 15 пожари и никој не верува дека ова се случува случајно, рече министерот за цивилна заштита на Грција надлежен за полицијата Такис Теодорикакос за време на посетата на конкретниот регион на Пелопонез и откри дека уапсено е едно лице за подметнување пожар, јави дописничката на МИА од Атина.
Теодорикакос истакна дека „очигледно е дека има подметнати пожари, дека постојат планови“, но додаде дека тие мора да сторат сè за пронаоѓање на виновниците.
-Веќе е уапсен еден граѓанин, кој е обвинет за подметнување пожар и кој ќе одговара на суд. Предизвик за локалната заедница, за општината, за регионот, а особено за полициските и противпожарните власти е да ги пронајдат виновниците за овие подметнати пожари и да ги достават до правдата, рече министерот.
Министерот е во регионот Илиа на Пелопонез, каде што од вчера е активен голем пожар во кој, меѓу другото, интервенираат 180 пожарникари, меѓу кои и германски пожарникари, а помагаат и 120 полицајци. ср/сд/