• петок, 22 ноември 2024

Телото нѐ предупредува кога недостига нешто клучно во исхраната

Телото нѐ предупредува кога недостига нешто клучно во исхраната

Лос Анџелес, 3 август 2023 (МИА) - Телото вообичаено испраќа предупредување кога нешто му недостига во исхраната, за да се одржи нормалното функционирање. Следат пет вообичаени проблеми што може да бидат предизвикани од недостаток на хранливи материи во телото.

Крвавење на непцата

Тоа може да биде знак за многу нешта, вклучително и гингивитис, но и грубо четкање или чистење со конец. Меѓутоа, неодамнешна анализа откри дека крвавењето на непцата може да биде и знак на недостиг на витамин Ц. Тоа ќе рече - зголемениот внос на овој витамин помага да се намали проблемот со крвавењето. Затоа се препорачуваат пиперки и брокула, а и овошја како портокали, папаја и бобинки.

Запек и надуеност

Тегоби како овие може да укажуваат на недоволен внос на вода и влакна. Запекот може да се намали ако се внесат потребните количини влакна и течности во исхраната. Препорачаните количини влакна се меѓу 25-35 грама дневно од извори како што се овошје, зеленчук, јаткасти плодови, семки, житарки.

Покрај влакната, хидратацијата е клучна компонента за влошување на запек.

Губење на косата

Оваа појава може да е поради неколку причини. Може да биде генетска или предизвикана од хормонски проблеми... Неодамна имаше извештаи за луѓе кои закрепнале од Ковид-19, а искусиле губење на косата. Тоа може да биде несакана последица од лековите, проблеми со тироидната жлезда или други здравствени проблеми.

Губењето на косата може да укаже и на можен недостаток на протеини и есенцијални масни киселини. Советот на лекарите гласи - сосредоточете се на ниско масни протеини и омега-3 масни киселини.

Црвена кожа

Лошата исхрана и Сонцето во прекумерни количини се непријатели на здравата кожа, нешто што го потврдуваат и многу истражувања. Неодамнешно истражување од Универзитетот на Калифорнија покажа дека типичната западна исхрана (богата со преработена храна богата со масти и шеќер и со низок внос на цели зрна, овошје и зеленчук) причинува појава на воспаление на кожата.

И претходните истражувања покажаа поврзаност со дебелината и состојбата што се манифестира како сува, нерамна и лушпеста кожа. Сепак, новото истражување посочува дека и симптомите на псоријаза може да се појават со лоша исхрана, многу пред промените во тежината. Тука се препорачува разновидна храна, влакна и ограничени заситени масти.

Рани кои бавно зараснуваат

Недостатокот на витамини Б во исхраната може да доведе до бавно зараснување рани по вообичаена мала повреда. Иако постојат многу причини за бавно зараснување на раните (како хронични болести и стареење), некои научни трудови покажуваат дека причината може да биде и недостиг на витамините Б. За поголем внос на овие витамини, се јадат цели житарки, помалку масно месо, јајца, мешунки и плодови од зелениот зеленчук.

Квалитетот на исхраната може да помогне за намалување на опасноста од хронични болести, по здравјето на цревата и тежината. Следниот пат кога ќе се појави некој од горенаведените симптоми, прегледајте внимателно што јадете, советуваат лекарите.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан