Тегелтија: Ќе се обидам да ги убедам во БиХ оние кои се против Отворен Балкан во исправноста на оваа иницијатива
- Ние треба да донесеме политичка одлука за пристапување во Отворен Балкан. Се надевам дека тие што вршат јавен притисок ќе придонесат таа одлука да се донесе. Јас сите свои капацитети и енерги
Охрид, 8 јуни 2022 (МИА) - Ние треба да донесеме политичка одлука за пристапување во Отворен Балкан. Се надевам дека тие што вршат јавен притисок ќе придонесат таа одлука да се донесе. Јас сите свои капацитети и енергија ќе ги насочам да ги убедам оние кои се против оваа иницијатива за нејзината исправност, изјави на заедничката прес - конференција претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија во Охрид на Самитот „Отворен Балкан“ .
-Бизнис заедницата на БиХ сега е целосно определена кон Отворен Балкан. Граѓаните се свесни што тој донесува. Ние треба да донесеме политичка одлука, а зашто таа не е донесена, се уште е тешко да се зборува. Никој јавно од оние кои треба да ја донесат нема кажано зошто е против Отворен Балкан, дали е тоа поради стравот дека е тоа замена за членство во ЕУ или поради некој лидер што оваа идеја ја предложи. И денеска имаше обид оваа одлука да се внесе на седница на Претседателството на БиХ. Но донесена е одлука таа точка да не биде поставена на дневен ред. Се надевам дека тие што вршат јавен притисок ќе придонесат таа одлука да се донесе. Јас сите свои капацитети и енергија ќе ги насочам кон тоа да ги убедам оние кои се против оваа иницијатива за нејзината исправност. Одлуката не е поврзана со војната во Украина, туку тоа е наше внатрешно прашање, рече Тегелтија на новинарско прашање што ги премисли сега да пристапат кон оваа иницијатива.
Тој на заедничка прес-конференција со премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, како и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нагласи дека после овој состанок и потпишувањето на спогодбите и меморандумите, БиХ мора да стане полноправен член на овој проект.
-Во тоа сум поуверен отколку пред да дојдам тука. Одговорноста е на нас. Благодарам што ни ја отворивте врата и што не поставувате услови и рокови. Занаеме тоа да го цениме, рече Тегелтија. вг/дма/