• недела, 22 декември 2024

Тасевски: Се очекуваат оставки од 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници од позициите во М-НАВ (ДПЛ)

Тасевски: Се очекуваат оставки од 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници од позициите во М-НАВ (ДПЛ)

Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, најави на прес-конференција претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) Александар Тасевски, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Не ја исклучуваат, како што рече, и можноста за штрајк, но тоа нема да биде во наредните неколку дена. - Верувам дека овој пат според начинот како се одвиваат работите нема да биде штрајк на контролори на летање, туку на сите вработени во Македонска навигација. Ако се организира ќе биде за тотално затворање на сите сектори што ги има институцијата, рече Тасевски.   

Тој оцени дека конкурсот за вработување е прекршен по многу основи и најави дека ќе се покрене постапка за негово оспорување. Очекуваат и реакции од кандидатите кои биле одбиени на конкурсот. 

Според него, кривичната пријава против него од двајца од директорите во М-НАВ е „притисок да се откажат од активностите за заштита на професионализмот и стопирање на клиентелизмот и непотребните и несуштински вработувања“. 

Тасевски на прес-конференција рече дека вчера телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи  и му била презентирна пријава од страна на двајца од тројцата директори во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Фасим Деари. Тие поднеле кривична пријава против него, како што рече, врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик.

- Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема никакви ставки кои асоцираат на закани и живтозагрозувачки информации. Сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно и намерно во таа насока, за да може да се искористат против мене како претседател на Синдикат, како вид на притисок, со намера да се откажеме од нашите активности, преку мене и до Синдикатот на контролорите на летање, а воедно со самото тоа и до сите професионалци кои во изминатиот период покажаа доблест, се дрзнаа да го кренат гласот и да покажат дека се спремни да застанат во одбрана и заштита на својата професија, за стопирање на клиентелизмот и на непотребните и нестручни вработувања, рече Тасевски.   

Со последните чекори што се преземени од страна на инженерите и техничарите што си дадоа оставки од раководните позиции и од проектите во кои се вклучени во М-НАВ, наведе Тасевски, кај директорите се покажа одреден страв.

- Тој страв не е по нивните животи, како што наведуваат во пријавата против мене, туку за нивните директорски фотелји што дополнително ни покажува дека сме на вистинската патека на нашата активност и ни дава дополнителен мотив. Она што се случи вчера нема да не заплаши и да не оттргне од идејата на она што сакаме да го постигнеме. Се повеќе професионалци, не само контролори на летање, туку и од другите служби, го креваат својот глас и веројатно директорите се свесни за таквите случувања поради што сега се во состојба на паника, оцени Тасевски. 

Како што најави, од денеска ќе се започне со депонирање на оставки од сите контролори на летање и помошници на контролори на летање кои имаат раководни и инструкторски функции и се шефови на смени, а ќе се почне и со повлекување на нивните позиции од сите проекти во кои се вклучени.

-Со тоа ќе се даде поддршка не само на мене како претседател на Синдикатот туку и на сите досегашни и идни активности на Синдикатот, на сите инженери и техничари кои пред некој ден ги депонираа своите оставки. Дефинитивно почнуваме да се окрупнуваме како бројка на луѓе кои застануваме зад институцијата, професионализмот, пред се, во заштита на безбедноста на воздушниот сообраќај кој не трпи компромиси по никаква цена. Тоа е нешто што мора да го сочуваме, порача Тасевски.  

По минатонеделните оставки на инженери од раководни инструкторски места како и на еден од тројцата директори на М-НАВ поради селекцијата на кандидати на последниот оглас и реакциите на Синдикатот, раководството информираше дека се вработени двајца инженери и еден техничар, а поради неуреден статус во Агенцијата за вработување иако биле задоволени критериумте на М-НАВ не се вработени уште тројца инженери и еден техничар.  

Тасевски тврди дека има многу основи да се оспори конкурсот бидејќи, како што рече, одбиените кандидати не биле известени дека се одбиени и од која причина, не е даден временски рок за жалба, а примените се вработени  без да се заврши целата постапка како треба.

-Ќе се спорат многу аргументи, ќе се спорат вработувања на претходни директори  кои биле во М-НАВ при што донеле мислења од Државната комисија за спречување на корупција каде јасно е посочено дека нивните вработувања не смеат да предизвикаат никаква интуиција дека станува збор за наместен конкурс што тука е многу јасно затоа што знаевме дека работно место е предвидено за одредено лице.  Очекуваме реакција  и од самите кандидати кои биле одбиени затоа што до вчера колку што знам нема официјален допис од М-НАВ дека се одбиени и од која причина. Не е испочитуван ниту  е даден временски рок за жалба. По многу  основи е прекршен конкурсот за вработување, нема да се заврши на тоа и ќе се оди понатаму, наведе Тасевски.

Самиот факт, дополни, дека претходно биле пријавени седуммина за вработување од Агенцијата за вработување, инженери и техничари, а потоа самите директори ги тргнале од листата за вработување кажува дека тука работите не се како што треба и дефинитивно има простор за „чешлање“ и од Трудовата инспекција и од Антикорупциската комисија.

-Има институции кои ги повикувам јавно да се активираат не само за овој конкурс туку и за многу работи кои може да се „ископаат“ кај нас, наведе Тасевски, повторувајќи ги меѓу останатото и тврдењата за сомнителни реновирања  на простор од 280 метри квадратни  за износ од 400 илјади евра 

На 21. минатиот месец ССКЛ го откажа штрајкот што го најави за почетокот на годинава поради оспорувањето на дел од позициите со огласот за вработувања  и најави дека ќе ја следат реализацијата на конкурсите, постапките за селекција и евентуалните неправилности и ќе реагираат.лв/ев/

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан