• понеделник, 23 декември 2024

Таравари: Решението со бездомните кучиња во Гостиварско е изградба на регионален стационар за Полошко

Таравари: Решението со бездомните кучиња во Гостиварско е изградба на регионален стационар за Полошко

Гостивар, 14 октомври 2024 (МИА) – Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека решението со големиот број на бездомни кучиња го гледа во регионален стационар.

На новинарско прашање на настан во Гостивар, му беше посочено дека тоа било негово предизборно ветување на последните локални избори.

- Во времето кога бев градоначалник, се направија две прифатилишта за кучињата скитници. За жал, двете беа демолирани од несовесни луѓе и денес се во мизерна состојба. Единствено решение е прифатилиште за кучиња за целиот Полошки регион. Ова сме го кажале одамна, бидејќи вака кучињата само се носат од едно на друго место, рече Таравари.

Тој нагласи дека во времето кога раководел со општина Гостивар едното прифатилиште било направено во партнерство со УНДП, а другото како проект на локалната самоуправа.

- Проблемот настана со одржливоста и недостиг од луѓе кои ќе работат со животните. Поединци го демолираа објектот, кој функционираше две-три години релативно добро, но потоа беше оштетен и веќе немаше финансиска можност да се прави нов, рече Таравари и нагласи дека очекува скорешна иницијатива за изградба на регионален центар за целиот Полошки регион. згм/мд/

фото: МИА

Остани поврзан