• недела, 22 декември 2024

„Танец“ одржа два концерта во Бугарија

„Танец“ одржа два концерта во Бугарија

Скопје, 25 декември 2023 (МИА) - Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ - Скопје одржа два концерта во Бугарија, во општините Гоце Делчев и во Белица. 

Како што информира денеска „Танец“, на покана на градоначалникот на бугарската општина Гоце Делчев Владимир Москов и неговата соработка со градоначалникот на општина Белица Радослав Ревански, ансамблот „Танец“ одржа концерти на 21 и 22 декември. „Танец“, како што се наведува, уште еднаш потврди дека е трајна вредност која на свој единствен начин, преку своето уникатно презентирање на македонската култура ги премостува сите бариери кои не можат да ги решат ниту бројните самити и политички договори.

Концертот во Белица се одржа по 60 години од последното гостувањето на ансамблот во ова место во далечната 1964 година, а концертот во Гоце Делчев уште еднаш покажа дека оваа публика особено го цени македонското фолклорно наследство и музичко-сценското богатство кое веќе 75 години го негува „Танец“.

Гостувањето на „Танец“ во Бугарија, во тамошните медиуми, како  што се наведува, се коментира како незаборавен спектакл.

- Полна сала, прекрасни изведби, возбудена и задоволна публика и многу расположение за претстојните празници, создадоа пејачите, играорците и инструменталистите на најголемиот македонски ансамбл „Танец“. Концертот во спортската сала „Неврокоп Арена“ беше божиќно-новогодишен подарок за народот. Националниот ансамбл „Танец“ е најголемиот фолклорен ансамбл основан во 1949 година со цел зачувување, негување и презентирање на богатото културно наследство на Македонија. Од тогаш до денес, ансамблот „Танец“ ги проучува, обработува и сценски ги презентира народните ора, песни, иснтрументални мелодии и носии. Високо професионалното претставување на автентичниот фолклор ја плени публиката ширум светот. Директор на ансамблот е Мартин Вучиќ, а во ансамблот работат 80 професионални играорци, инструменталисти, пејачи, автори на музика и кореографи, стои во објавата на официјалната страница на општината Гоце Делчев, со која раководи градоначалникот Владимир Москов, чија содржина беше преземена и од бугарските портали.

„Танец“, како што се наведува, е познат по својата совршена игра, пеење и ненадмината колоритност на своите изведби.

- Токму во таквиот уникатен спектакл - екстраваганца од песни, ора, музика, народни носии, насмевки и многу талент, беше потопена публиката во Гоце Делчев за време на настапувањето на ансамблот, се вели во соопштението. 

На концертот присуствувале градоначалникот на општина Гоце Делчев Владимир Москов, Неврокопскиот митрополит Серафим, народниот пратеник Богдан Боцев, претседателот на Советот на општината Иван Геров, заменик-градоначалникот Саид Иброш, над 1000 луѓе од градот Гоце Делчев кои го сакаат фолклорот и го ценат богатството на народната музика.

По успешното гостување, анасамблот „Танец“ имал прием кај Невропскиот митрополит Серафим, кој им посакал добро здравје, среќа и уште многу концерти. мд/са/

Фото:  Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ - Скопје

 

 

Остани поврзан