Такаичи го распушти јапонскиот парламент отворајќи пат за предвремени избори
- Новата премиерка на Јапонија, Санае Такаичи, го распушти долниот дом на парламентот денеска отворајќи го патот за предвремени избори на 8 февруари.
Токио, 23 јануари 2026 (МИА) - Новата премиерка на Јапонија, Санае Такаичи, го распушти долниот дом на парламентот денеска отворајќи го патот за предвремени избори на 8 февруари.
Такаичи е високорангирана во анкетите на јавното мислење и се стреми да го зголеми тенкото мнозинство што го имаат нејзината Либералнодемократска партија (ЛДП) и нејзиниот партнер, неолибералната Ишин (Партија за иновации на Јапонија), во националниот парламент.
Шеесет и четиригодишната жена беше избрана за прва жена премиер во Јапонија на крајот на октомври.
Нејзината одлука да свика предвремени избори не е без ризик и останува да се види дали нејзината лична популарност ќе се одрази на ЛДП.
Партијата, која е на власт речиси континуирано од 1955 година, неодамна ги загуби мнозинствата во двата дома на парламентот.
ЛДП се надева дека ќе ги врати конзервативните гласачи, кои се свртеа кон крајнодесничарската мала партија Сансеито (Партија на „направи сам“).
Најголемата опозициска партија, Уставната демократска партија на Јапонија на поранешниот премиер Јошихико Нода, објави дека ќе ги здружи силите со Комеито во нова центристичка реформска партија, која се смета себеси за либерална алтернатива на конзервативната коалиција на Такаичи.
Комеито беше коалициски партнер на ЛДП 26 години, но ја повлече својата поддршка во октомври како одговор на тврдокорниот став на Такаичи во врска со финансирањето на партиите и безбедносната политика. ЛДП претходно имаше корист од изборните договори со Комеито. мс/јт/
Фото: ДПА