• петок, 05 декември 2025

Супертајфунот „Рагаса“ им се заканува на Филипините

Супертајфунот „Рагаса“ им се заканува на Филипините

Манила, 22 септември 2025 (МИА) – Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор ѝ нареди на агенцијата за одговор при катастрофи да биде во целосна готовност и да ги мобилизира сите владини служби, бидејќи супертајфунот „Рагаса“ му се заканува на северот на земјата.

Предупредувања за бурата се издадени низ цела источна и југоисточна Азија.

Со ветрови од 215 километри на час и налети до 295 километри на час, „Рагаса“ помина низ островите Бабујан и се движи кон островот Калајан, зголемувајќи го ризикот од бранови повисоки од три метри, соопшти државната метеоролошка агенција.

За островите Бабујан сè уште е активно предупредување за бура од висок степен, а на жителите им се советува да се држат подалеку од крајбрежните области и реките.

На видео снимки од агенцијата за катастрофи се гледаат силни ветрови и обилни дождови во северната провинција Кагајан, кои предизвикуваат силни бранови и навалување на дрвјата.

Владата ја прекина работата и наставата низ целиот регион на главниот град Манила и големи делови од островот Лузон поради предупредувања за прекин на електричната енергија, свлечишта и поплави.

Авиокомпаниите откажаа дваесетина домашни летови, додека пристаништата ги прекинаа траектните услуги.

Иако „Рагаса“ нема директно да го погоди Тајван, се очекува нејзините надворешни појаси да донесат обилни дождови на источниот брег на островот, кој е ретко населен. Тајван издаде предупредувања на копно и море, откажа 146 домашни летови и евакуираше повеќе од 900 луѓе од планинските јужни и источни области.

И виетнамското Министерство за одбрана им нареди на своите сили да ја следат бурата и да се подготват за можен удар на копно подоцна оваа недела.

Кинеските власти активираа мерки за контрола на поплави во неколку јужни провинции, предупредувајќи на обилни дождови кои почнуваат во вторник навечер.

Хонг Конг најави 36-часовно затворање на аеродромите почнувајќи од вторник навечер, додека Макао и Џухај се подготвуваат за удар, со затворање на училиштата и подготовка на планови за евакуација.

Во Хонг Конг, жителите утрово почнаа да се снабдуваат со секојдневни намирници. Долги редици се формираа во супермаркетите каде што производи како млеко веќе се распродадени, додека зеленчукот на пазарите се продавал за повеќе од трипати повисоки цени од вообичаените. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан