• среда, 10 јули 2024

Суниог на крајот од мандатот: Сакам да го видам Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ

Суниог на крајот од мандатот: Сакам да го видам Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ

Приштина, 10 јули 2024 (МИА) – Шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Суниог, на крајот од неговиот мандат на чело на мисијата, изјави дека сака Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на неговата страница на платформата „Х“, Суниог му се заблагодари на косовскиот народ за гостопримството и му порача дека европската иднина ја има во свои раце.

- Како што се затвора ова поглавје за мене, сакам да го видам Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ, правејќи ги потребните промени и избори за европско Косово. Европската иднина на Косово е во рацете на косовскиот народ, кому сакам да се заблагодарам што ме прими со добрина и гостопримство, напиша Суниог.

Амбасадорот на ЕУ во Косово синоќа организираше проштална средба со претставници на косовските институции, по повод завршувањето на неговиот четиригодишен мандат.

Во пригодниот говор по тој повод, меѓу најважните настани за државата Косово, во периодот додека ја извршуваше својата амбасадорска должност, Суниог ја спомена визната либерализација за косовските граѓани.

Тој изјави дека по ова се чувствува олеснет, затоа што, како што рече, го чувствувал визниот режим како товар во годините кои ги поминал во Косово.

Во својот проштален говор Суниог истакна дека туристичките патувања во Европската Унија се само дел од многуте други поволности што ги нуди ЕУ.

Тој нагласи дека „нема ништо што го спречува Косово секојдневно да го живее сонот за ЕУ“ и да ги направи потребните промени и избори за европска држава.

- Можеби мислите дека не се однесуваме праведно со вас, дека сме бавни и бирократски. Можеби ќе најдете други кон кого ќе го вперите прстот. Сепак, ништо од ова не треба да биде изговор. Вашата европска иднина е во ваши раце и ние сме тука да ве поттикнеме на успех. Но, ова, драги пријатели и партнери, треба сами да го постигнете. Нема ништо што го спречува Косово да го живее сонот за ЕУ секој ден. Ништо не ве спречува да ги направите потребните промени и избори за европско Косово. Некои од овие избори може да бидат тешки или непријатни, но тие мора да се направат. Затоа, убеден сум дека кога ќе се вратам во посета, ќе видам повеќе од ЕУ токму овде во Косово, рече Суниог. иа/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан