• петок, 22 ноември 2024

Судската администрација од утре нема да ги работи ниту итните предмети доколку Владата не седне на преговори

Судската администрација од утре нема да ги работи ниту итните предмети доколку Владата не седне на преговори

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Судската администрација од утре нема да ги работи ниту итните предмети доколку Владата уште денеска не седне на преговарачка маса со синдикатот кој бара зголемување на платите и враќање на додатоците за плата. 

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски денеска во изјава за медиумите рече дека штрајкот нема да престане, а доколку работната група од Владата не седне на преговори, ќе стане поригорозен. 

- Владата треба да биде свесна дека доколку работната група и после овој протест не седне на маса да преговара, ќе се парализира целото правосудство. Секое понатамошно прологирање и избегнување на решение ќе предизвика дополнителен гнев кај штрајкувачите, а за последиците од тој гнев нема да биде одговорен Синдикатот на УПОЗ, рече Дејаноски. 

Она што е спорно за Синдикатот на УПОЗ е и тоа што Владата инсистира минималната плата да биде избришана како основен елемент од нивните плати.

- Тоа значи само едно. Кога во март идната година ќе порасне минималната плата, ниту еден од овие вработени нема да добие усогласување со минималната плата. Проекцијата е дека минималната плата ќе порасне за 3.000 до 4.000 денари, што ќе направи уште еден хаос во управата, во обвинителствата и во судовите, рече Дејаноски.

За решавање на барањата на судската администрација, Владата пред околу еден месец формираше работна група. бак/лв/

Фото: принтскрин

Остани поврзан