• четврток, 07 ноември 2024

Судот на ЕУ му го одзеде пратеничкиот имунитет на Пучдемон

Судот на ЕУ му го одзеде пратеничкиот имунитет на Пучдемон

Луксембург, 5 јули 2023 (МИА) - Судот на Европската унија денеска му го одзеде пратеничкиот имунитет на поранешниот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон што го уживаше како член на Европскиот парламент, додека тој се соочува со правна постапка во Шпанија.

Пуџдемон, кој живее во самонаметнат егзил во Белгија, побегна од Шпанија во 2017 година за да избегне кривично гонење по краткотрајното прогласување независност, што го натера Мадрид да преземе директна контрола врз богатиот регион.

Судот со седиште во Луксембург ја отфрли жалбата на Пуџдемон и ја потврди одлуката на ЕП за укинување на имунитетот на уште двајца самопрогонети каталонски сепаратистички европратеници, Тони Комин и Клара Понсата.

„Парламентот не може да носи одлуки за одбрана на имунитетот кои произведуваат обврзувачки правни последици во однос на шпанските правосудни органи“, соопшти Општиот суд.

Пуџдемон наведе дека тројцата европратеници ќе се жалат до Судот на правдата на ЕУ.

„Ќе ги браниме нашите основни права до крај“, напиша тој на Твитер.

Во јануари, Врховниот суд на Шпанија ги отфрли обвиненијата за бунт против Пуџдемон, откако реформата на Кривичниот законик го укина тоа кривично дело.

За бунт предвидена е максимална затворска казна од 15 години.

Судијата на Врховниот суд Пабло Ларена рече дека ќе поднесе ново барање за екстрадиција до белгиските власти, со цел Пуџдемон да може да се соочи со судење за помали обвиненија, во зависност од одлуките на судовите на ЕУ.

Претходните обиди на Шпанија да го екстрадира Пуџдемон додека тој беше во Германија, Белгија и Италија пропаднаа.

Шпанија минатата година го измени Кривичниот законик за да го отстрани стариот закон за бунт, според кој некои сепаратистички политичари се осудени на затворски казни до 13 години по неуспешниот обид за независност на Каталонија во 2017 година. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан