• недела, 22 декември 2024

Судан бара меѓународната заедница да ги прогласи РСФ за терористичка група

Судан бара меѓународната заедница да ги прогласи РСФ за терористичка група

Картум, 5 мај 2023 (МИА) – Министерство за надворешни работи на Судан ја повика меѓународната заедница и Меѓувладиното тело за развој (ИГАД) да ги осудат паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) поради злосторства против државата, граѓаните и дипломатските мисии во земјата и да ги прогласат за терористичка група.

Суданското МНР апелира и на навремено спроведување на мерките за законска и судска одговорност.

РСФ го занемари меѓународното право и продолжи со своето неодговорно однесување, со што го прекршува примирјето предложено од ИГАД што стапи во сила вчера наутро.

РСФ вчера изврши ненадеен напад на неколку локации, вклучувајќи ја и воената област во Бахри. Нападите на паравоената група беа одбиени, што им нанесе големи загуби.

Суданското МНР ги обвинува РСФ за ограбување на просториите на дипломатските мисии и меѓународните организации и користење на болници и здравствени центри како воени штабови.

Претходно, МНР остро го осуди „неодамнешниот напад врз Индиската амбасада во Картум, Амбасадата на Кореја, Саудиската канцеларија за култура, резиденцијата на швајцарските дипломати и Конзуларниот оддел на турската амбасада“.

Се вели дека паравоената група ги протерала Суданците од нивните домови и ги користела како жив штит.

Во последниве месеци, се разгореа несогласувања меѓу војската и паравоените сили околу интеграцијата на РСФ во вооружените сили, клучен услов за транзицискиот договор на Судан со политичките групи.

Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога армијата ја собори привремената влада на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба. Преодниот период на Судан, што почна во август 2019 година по соборувањето на претседателот Омар ал-Башир, треба да заврши со избори на почетокот на 2024 година. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан