• недела, 22 декември 2024

Сугарев: Од 2008 година до денес, во 90 отсто од ЈЗУ-та има ненаменско трошење

Сугарев: Од 2008 година до денес, во 90 отсто од ЈЗУ-та има ненаменско трошење

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Од 2008 година до денес и во периодот кога бев директор, јас гледам записници на 109 здравствени установи, а едно време имавме 113. Многу ретки се јавните здравствени установи каде нема ненаменско трошење. Во 90 отсто има. Ова го истакна раководителот на секторот за финансиски прашања и екс-директор на ФЗОМ, Миле Сугарев на денешната седница на Анкетната комисија за скандалот во Онкологија.

Сугарев од мај 2020 до ноември 2020 година бил в.д. директор на ФЗО, додека од мај 2018 до денеска е раководител на секторот за финансиски прашања нво ФЗО.

- Ненаменско трошење е и давање коефициент за услови за работа за хигиеничарка, без мислење од труд и социјала. Така е по закон. Директорите на здравствените установи од 2008 година до денес даваат одредени права и ги исплатуваат во формата на исплата на плата на вработените во јавното здравство, што не е во согласност со сите прописи. Ние мораме да кажеме дека тоа е ненаменско трошење. Како човек, би купил лекови надвор од буџетот со сета одговорност што следи потоа, за да се спаси живот. Но, како одговорно лице во ФЗОМ ви кажувам тоа е надвор од законот. Бев во состојба додека бев директор, во тие 6 месеци, да забранам директорот да купува лекови бидејќи нема одобрени пари. Јас не сакав да се ставам во улога да забранам да се купи лек и да осудам некој на смрт, рече Сугарев, додавајќи дека на Фондот му требаат повеќе пари за да дава поголеми буџети на јавните здравствени установи.

Според него, „експлозијата“ на Онкологија со лековите, настанала веднаш после пандемијата со Ковид19, затоа што после пандемијата се појавиле голем број на новодијагностицирани пациенти со карцином, кои во времето на Ковид-от немало како да одат на лекар, оти докторите работеле претежно со ковид пациенти, а онколошката дијагностика каскала.

Пратеникот Љупчо Пренџов го праша Сугарев како може со леснотија да кажува дека не се почитуваат законите и буџетите и го објаснува тоа како нормално нешто.

Сугарев одговори дека констатациите за ненаменско трошење се во записниците од контролите на Фондот.

-Не можеме да му забраниме на некој директор да купува лекови. ФЗОМ не е во таква ситуација. Фондот нема правен основ да забрани да купува лекови. Не сум рекол дека сите може да си купуваат што сакаат. Ненаменското трошење пари стои во записниците, додаде екс директорот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристевски рече дека „директорот во 2021 година на Клиниката за онкологија, Нино Васев имал дозвола од некого да изигрува Бог, односно да кажува кој ќе живее, а кој ќе умира, затоа што без неговиот потпис не можела да биде администрирана терапија на пациентите“.

Сугарев одговори дека ниеден директор на ФЗОМ нема да биде ставен во ситуација да забрани набавка на лек на директор на јавна здравствена установа.

-Не можам ниту да му дозволам, ниту да му забранам. Директорот прави набавки согласно планот, а тој план го носи управниот одбор. Планот на јавни набавки мора да оди на управен одбор и да добие потпис. И сега се креира долг на Онкологија. Забрането ѝ е на директорката да набавува лекови над одобрениот буџет. На Онкологија се зголемува долгот иако даваме пари да се санира тој долг. Условниот буџет на онкологија сме го зголемиле годинава. Долгот на Онкологија во август 530 милиони денари. Добиваат 100 и кусур милиони од нас месечно зашто се повеќе пациенти има на таа терапија. Се купуваат лекови да се опслужат луѓето. Има притисок од јавноста, рече Сугарев.

Сугарев информира дека додека бил в.д. директор на ФЗО не потпишал никаква одлука за зголемување на надоместокот на Онкологија за биолошка терапија.

-Не сум потпишал одлука на Управен одбор, ниту предлог на одлуката за зголемување на надоместокот на Онкологија во моите шест месеци в.д. директор на ФЗО. Таа година на Онкологија беа доделени 70 милиони на почеток на година кога директори на ФЗО беа Ден Дончев и Орхан Рамадани и дополнителни средства беа одобрени на крајот на годината за плаќање на долгови. Додека бев в.д. директор не сум потпишал ниту Одлука, ниту Предлог на одлука на Управен одбор за зголемување на Онкологија за биолошка терапија, ниту за било друго, рече тој.

Тој потенцира дека не слушнал никаква информација дека на Онкологија се фаворизира одредена веледрогерија.

Сугарев потенцира дека треба да излезат пред правдата секој што прави злоупотреби.

Екс директорот Сугарев истакна дека лекот „Трикафта“, не е одобрен ниту од Европската агенција за лекови ЕМА ниту од Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) за деца под 12 години и посочи дека затоа ниту Фондот за здравство во Македонија нема да одобри согласност за набавка на овој лек за децата под 12 години во нашата земја. фф/нд/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан