• недела, 22 декември 2024

Субвенциониран оброк во училишта и целодневен престој во градинка за деца од социјално ранливи категории во општина Кисела Вода

Субвенциониран оброк во училишта и целодневен престој во градинка за деца од социјално ранливи категории во општина Кисела Вода

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода денеска информира дека од новата учебна година ќе ги субвенционира месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во општинските основни училишта, а средства се обезбедени и за целодневниот престој на деца од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки во оваа локална самоуправа.

Појаснуваат дека се работи за деца од еднородителски семејства и самохрани родители, деца сместени во згрижувачко семејство, деца под старателство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на  гарантирана минимална помош, деца од семејства со ниски приходи, материјално-необезбедени семејства, семејства чии вкупни месечни приходи не го надминуваат износот на минималната плата по вработен...

Според градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, овие мерки се во насока на заложбите за создавање еднакви можности за сите деца.

- И оваа година обезбедивме субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки. Оваа мерка е посветена на децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, како и за сите други социјално ранливи категории. Нашата цел е да креираме образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потсетува дека покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, обезбедуваат бесплатни ранчиња за сите првачиња и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта.

Сите критериуми и потребната документација за остварување на овие права ќе бидат достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода во наредниот период, кога ќе биде објавен и јавниот повик за аплицирање. мд/цр

Фото: Општина Кисела Вода 

Остани поврзан