• среда, 13 ноември 2024

„Струшки вечери на поезијата“ од 22 до 26 август под мотото „Допир на убавината“

„Струшки вечери на поезијата“ од 22 до 26 август под мотото „Допир на убавината“

Струга, 19 јули 2024 (МИА) - Повеќе од 25 странски и голем број поети од земјава ќе учествуваат на 63. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшките вечери на поезијата“ што од 22 до 26 август ќе се одржува под мотото „Допир на убавината“.

Според традицијата, фестивалскиот оган ќе биде запален на свеченото отворање пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, познат и како Дом на поезијата, а Фестивалот ќе биде затворен со традиционалното читање „Меридијани“ на Мостот на поезијата, кога ќе бидат врачени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“.

Со мотото на годинашното фестивалско издание „Допир на убавината“, како што истакна на денешната прес-конференција директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“ Тодорче Тасевски, целта е да се оддаде почит на Брајовото писмо, кое овозможува слепите лица да ја
почувствуваат убавината на поезијата.

-Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик, кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата, рече Тасевски.

Презентирајќи ја годинашната програмата, тој посочи дека поетскиот портрет на годинашниот лауреат на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет Жан Пјер-Симеон, ќе биде на 24 август, традиционално во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

-Во рамките на фестивалската програма ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамки на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, појасни Тасевски. Додаде дека во Програмата на Струшките вечери е предвидено и чествување на 95 години од раѓањето на Матеја Матевски.

Според него, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“, и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој треба да биде објавен на почетокот на август.

-Оваа година во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан со избрани поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската
комисија, а Фестивалот е дел од овој проект од 2014 година, додаде Тасевски.

Покрај редовните публикации, монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на Фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Струшките вечери ќе промовира и антологија „Од поети за поети“, превод на Милован Стефановски.

-Оваа антологија содржи избор песни од македонски поети коишто се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде објавен избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на
двајцата избрани поети во рамки на платформата „Версополис“, појасни Тасевски.

Градот на поезијата по 63-ти пат, во поседната недела од август, ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде поети од земјава и од светот ќе читаат поезија на своите јазици.

„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот. сс/хс/


Фото: МИА архива / НУ Струшки вечери на поезијата 

Остани поврзан