• петок, 22 ноември 2024

Стручен состанок за превенција од појава на чума кај малите преживари

Стручен состанок за превенција од појава на чума кај малите преживари

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Координирана акција во однос на воспоставување мерки за спречување на појава и ширење на болеста чума кај малите преживари, размена на информации и планирање на активностите преку интерактивно поврзување на сите чинители, почнувајќи од примарните производители, ветеринарните друштва, науката и институциите на системот се клуч за успешна превенција и заштита од појава на оваа, за овците и козите исклучително опасна заразна болест. Иако луѓето директно не ги погодува, чумата кај малите преживари е вирусно заболување кое може да донесе огромни економски загуби и за сточарите и за државата. Ова денеска го порача директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов на стручниот состанок посветен на превенција на болеста чума кај малите преживари, што се одржа на Факултетот за ветеринарна медицина во соработка со Ветеринарната комора. 

Миланов, како што информира АХВ, истакна дека пред институциите и пред стручната фела, која е секојдневно на терен, е предизвикот, организирано и координирано на време да се преземат потребните мерки за да се спречиме појавата на оваа болест кај овците и козите, која  е веќе присутна и во соседството и во регионот. Според него, мора континуирано да се работи на подобрување и унапредување на системот за рана детекција на болеста во земјава, ангажирајќи ги сите чинители - институциите, науката, ветеринарните друштва, бизнис заедницата и невладиниот сектор.

-Сега кога преземаме конкретни, итни мерки за да се заштитиме од појава на болеста во нашата земја, предизвик за сите нас e навреме да реагираме, бидејќи статусот кој сега го имаме – слободнa земја од болеста чума кај малите преживари, е исклучително важен за државава, за нашата економија која, во еден дел почива на извозот на јагниња, како еден од стратешките извозни производи, но и на месо, млеко, волна, кожа и други производи. Одржани се состаноци со првите луѓе на министерствата за одбрана и за локална самоуправа, во комуникација сме и со градоначалниците во однос на преземањето на превентивните мерки за заштита од појава на болеста и спречување на нејзино ширење, соопшти Миланов.

Како стручна фела, како што истакна, вие сте исклучително важна алка во системот за заштита, заедно со одгледувачите и институциите, им порача Миланов на ветеринарните друштва, учесници на состанокот, изразувајќи благодарност и до  Факултетот за ветеринарна медицина и до Ветеринарната комора за досегашната исклучително професионална соработка со Агенцијата. 

-Верувам дека заедно ќе одговориме и на овој предизвик организирано да се справиме со сериозната закана од оваа болест за која нема лек, а употребата на постоечката вакцина носи голем број рестрикции за државата и овчарството и козарството, кои само ќе ја уназадат нашата економија и извозот, истакна директорот на АХВ. 

Извршниот директор на Ветеринарната комора Томислав Николовски потенцира дека како струка се подготвени соодветно да одговорат во соработка со Агенцијата и Факултетот за ветеринарна медицина.  - Оваа болест, како и многу други, за нас, од литературата познати како тропски и присутни во земји и региони многу далеку од нас стануваат и наша реалност. Сега се многу блиску до нас, во нашето соседство и мора да делуваме за да ја спречиме појавата и ширењето и кај нас, изјави Николовски.

Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина Дејан Јанкуловски ја потврди подготвеноста на науката да се справи со предизвикот во однос на спроведувањето на лабораториските тестирања за рана и брза детекција на болеста. 

-Ова е вистинскиот начин како превентивно се постапува и затоа верувам дека и со овој здравствен предизвик  заедно успешно ќе се справиме, порача Јанкуловски.

Кирил Крстевски и Игор Џаџовски, професори од Факултетот за ветеринарна медицина, ги објаснија потеклото и ширењето на болеста, симптомите, начините на пренесување, ставајќи акцент на обврските кои во процесот на рана детекција треба да ги спроведат ветеринарните друштва. Порачаа да се внимава при земањето мостри за лабораториско испитување за рана детекција на болеста, нивното пакување  и транспорт до лабораториите.

Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита на благосостојба на животните при АХВ  се осврна на карактеристиките на болеста и националната правна рамка  која го уредува постапувањето во случај на евентуална појава на болеста.  Тој посочи дека во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина во  подготовка е програма за рана детекција на болеста, а се врши и ревидирање на Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за постапување во случај на појава на болеста чума кај малите преживари, кој во најбрзо време ќе биде дистрибуиран и до ветеринарните друштва. мд/лв/

Фото: АХВ

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан