• сабота, 23 ноември 2024

Стручен собир за пожарникарството се одржа во Делчево

Стручен собир за пожарникарството се одржа во Делчево
Делчево, 19 ноември 2022 (МИА) - Во Делчево денеска се одржа деветтиот Стручен собир на пожарникарството. Настанот го организираше одбор составен од професионалци-пожарникари, Министерството за внатрешни работи и Општина Делчево и освен од земјава учествуваа експерти и професионалци од противпожарната заштита од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Како што истакна Зоран Нешковски, магистар од областа на безбедносните науки во делот на истраги на експлозии и пожари, целта на настанот е да се разменат искуства и сознанија за усовршување на техниките и тактиките на противпожарните друштва.
-Тоа се покажа и минатата година како резултат на големите пожари во овој регион каде пристигнаа служби кои интервенираа од Австрија, Словенија, Бугарија, Србија и Македонија кои пожажаа дека на тој начин треба да се гради довербата во прекуграничната соработка, рече Нешковски.
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека Делчево денес е гордо, бидејќи е домаќин на настан кој е во насока да промовира добри практики во справување со пожарите, но пред сè има за цел да ги јакне капацитетите на професионалните пожарникари, кои се во првите борбени редови со огнената стихија.
-Делувајќи сите заедно, делувајќи одговорно, се јакне довербата кај граѓаните и безбедноста на нивниот имот и живот. Ние добро го знаеме нивното значење и се гордееме со нивната професионалност, одговорност и максимална посветеност при извршување на работните обврски, знаеме и колку пати сме биле сведоци на нивниот професионализам, пожртвуваност и квалитет во интервенциите. И одовде, јавно уште еднаш искажувам благодарност за нивната професионалност и максимална организираност во гаснењето на пожарите на отворено, но и на објекти, рече Трајковски.
Посочи дека локалната власт максимално е насочена кон инвестирање во подобрување на опременоста на пожарникарите од ТППЕ Делчево, потенцирајќи дека Делчево е една од ретките општини во државава која без помош и поддршка од надлежните институции набавува опрема и возила за пожарникарите од Делчево.
Преку тактичко-показна вежба, посетителите на лице место се запознаа со подготвеноста на ТППЕ од Делчево, здравствените работници од Итната медицинска помош, волонтерите од Црвениот крст во Делчево, но и на полициските службеници.
-Како противпожарна единица броиме 17 професионални пожарникари. Располагаме со 7 противпожарни возила кои во голема мера ни ја олеснуваат работата. Да споменеме дека за разлика од минатогодишните апокалиптични пожари, годинава имавме пожари од помал обем кои успешно беа локализирани, рече Тодоровски.
За доборовoлните противпожарни друштва од Делчево, Пехчево и Кочани кои учествуваа на денешниот настан најважно е што на овој начин имаат можност да разменат искуства кои ќе ги применат во понатамошното справување со огнените стихии.
-Ние сме вклучени во показната вежба, како Доброволно друштво имаме објавено повик за нови членови. Иако имаме слаба парична поддршка за наше доопремување, со ваквите излагања на терен мислам дека ќе се крене свеста кај фирмите да ни помогнат во обезбедувањето на потребната опрема. Инаку годинава бевме доста активни, имавме 9 интервенции, една на урбан простор и осум интервенции на пожари на отворено, истакна Борче Поповски од Доборволното противпожарно друштво „Волонтер“ од Делчево.
За Златко Илиев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, денешниот настан е од огромно значење за подигање на свеста за превенција од пожари во Источниот регион.
-Во наредниот период очекувам да ја подигнеме свеста за заштита од пожари и да ги поттикнеме младите да се вклучат во нашето друштво за да се стекнат со нови искуства. Како доброволно противпожарно друштво постоиме една година, броиме околу 50 члена, а имаме и дополнителни 10 членови кои се пријавија по новиот повик. Во однос на опрема нашата интервентна единица располага со интервентни одела и едно противпожарно возило, рече Илиев.
Меѓу друштвата кои имааат солидна соработка со доброволните противпожарни друштва од странство е Добороволното противпожарно друштво од Пехчево.
-Броиме околу 25 активни членови од опрема имаме едно возило и еден помал камион, со опрема имаме донација од австриските пожарникари за да опремиме некаде околу 30 пожарникари. Вкави настани се добри и треба да ги има почесто за подобра координација, рече Марјан Митриновски, претседател на ДПД „Пехчево“.
На деветиот Стручен собир на пожарникарството во Делчево беше упатена пораката кон институциите за вложување во стручниот кадар, опремата и самата инфраструктура за сите единици да бидат компатибилни при решавањето на проблемите со огнените стихии.
За учесниците од сите земји учеснички Општина Делчево додели благодарници и признанија. вс/хс/

Остани поврзан