• петок, 22 ноември 2024

Стојаноска: На првата наредна пленарна седница да се отвори точката предложена од ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во Судскиот совет

Стојаноска: На првата наредна пленарна седница да се отвори точката предложена од ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во Судскиот совет

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Најпрвин бараме ставање на точката за Информација за состојбата во Судскиот совет на дневен ред, уште на првата наредна седница, оставка од Судскиот совет во целост, а потоа и одговорност од Владата, изјави денеска на прес-конференција во Собранието, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

Таа рече дека  ВМРО-ДПМНЕ поднела барање за ставање на точка на деневен ред во Собранието, под име - Информација за состојбите во Судскиот совет. Информацијата во собраниската архива била доставена на 3 мај и била изгласана како 35-та точка на дневниот ред на 115-та пленарна седница, која започнала на 10 мај. Стојаноска додаде дека досега се имаат одржано 11 нејзини продолженија, но оваа точка се уште не е отворена.

-ВМРО-ДПМНЕ со години алармира за партизацијата која ја врши власта на СДС и ДУИ во правосудството. Метастазирани се Судскиот совет, судовите, обвинителствата. Посочивме дека ставање на партиски активисти и функционери на чело на Судскиот совет е пракса која ќе ѝ се удри од глава на владата. Бевме игнорирани, затоа што очигледно планот им бил целосно да го партизираат правосудниот апарат. Сега, откако и нашите меѓународни партнери алармираа за состојбите во судството, власта не знае како да излезе од ситуацијата во која самата влезе, изјави Стојаноска.

Според пратеничката партизираноста се гледа и во ЈО, каде, како што рече „шеф за гонење на организиран криминал е Ислам Абази, човек кој целата јавност можеше да види дека бил во често друштво со луѓе од врвот на ДУИ, иако пред да излезат фотографиите истите тврдеа дека не го познаваат“.

-Судските решенија на оваа власт се и Кацарска, која како награда за нејзиното подаништво доби место во Уставен суд, Јовевски и низа други извршители, кои куцаа обвиненија и штанцаа пресуди, како да се пресликани од соопштенијата на СДС. За нефункционалноста на судството алармираа и меѓународните партнери. Но, пред сѐ, треба да се каже дека за истата има само еден виновник, и тој има име и презиме: СДС и ДУИ, изјави Стојаноска. ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан