• петок, 20 декември 2024

Стотина италијански научници упатија апел за итни мерки против коронавирусот

Стотина италијански научници упатија апел за итни мерки против коронавирусот
Рим, 23 октомври 2020 (МИА) - Повеќе од сто италијански научници од различни професионални сфери упатија апел до претседателот и премиерот на Италија, изразувајќи загриженост во врска со секојдневното зголемување на бројот на лица заразени со Ковид-19. Тие во писмото наведуваат дека е потребно, паралелно со мерките за зачувување на економијата и работните места, да се зачува и правото на индивидуално и колективно здравје на граѓаните, во согласност со Уставот. „Неопходно е да се преземат итни и ефективни мерки, во следните два или три дена, со цел да се запре загрижувачкото ширење на коронавирусот, за да не ги броиме жртвите на Ковид-19 во стотици на ден во наредните денови“, напишаа научниците во пораката до највисоките политички власти на Италија. Како што пренесуваат италијанските медиуми, меѓу поддржувачите се најистакнатите италијански научници, меѓу кои и претседателот на Академијата на науките „Линчеи“, професорот Џорџо Париси. Поддржувачите се научници, универзитетски професори и членови на истражувачки институти, кои не се директно вклучени во донесувањето мерки против ширењето на Ковид-19, но, во услови на загрижувачки раст на инфекцијата, решија да апелираат до властите да преземат итни и одлучни мерки за заштита на здравјето на граѓаните. паг/

Остани поврзан