• недела, 22 декември 2024

Столтенберг: Ако Путин победи во Украина, тоа ќе го охрабри и кинескиот лидер

Столтенберг: Ако Путин победи во Украина, тоа ќе го охрабри и кинескиот лидер

Брисел, 8 јули 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека војната во Украина покажува колку тесно соработуваат Русија, Кина, Северна Кореја и Иран.

Тој нагласи дека Кина значително ја помага руската агресија во Украина. - Сите тие сакаат НАТО и САД да доживеат неуспех во Украина. Ако Путин победи во Украина, тоа не само што ќе го охрабри претседателот Путин, туку и претседателот Си (Џинпинг). Како што рече јапонскиот премиер: Она што се случува во Украина денес може да се случи утре во Азија, потенцираше Столтенберг.

Тој посочи дека присуството на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја на Самитот на НАТО, кој се одржува од 9 до 11 јули во Вашингтон, покажува дека светот станува сѐ покомплексен, пренесува Политико.

Ние носиме важни одлуки за зголемување на поддршката за Украина, а НАТО ќе го преземе обезбедувањето и координацијата на безбедносната помош за Украина, посочи Столтенберг. Тој истакна дека не е вознемирен од неодамнешната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва, каде што се сретна со Путин како дел од „мировната мисија“. - За мене е важно сите сојузници да се согласат дека мораме да направиме повеќе за Украина,“ рече Столтенберг, нагласувајќи дека Алијансата нема да поддржи мир што ќе дозволи продолжување на окупацијата на украинската територија од страна на руските сили.

Претстојниот ќе биде последен Самит под водство на Столтенберг, кој наесен ќе биде наследен од поранешниот холандски премиер Марк Руте. ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан