• четврток, 16 мај 2024

Стефанов: Средствата од заемот на ЕБОР ќе ги користиме наменски, одговорно и домаќински

Стефанов: Средствата од заемот на ЕБОР ќе ги користиме наменски, одговорно и домаќински

Скопје, 22 август 2023 (МИА) – Средствата од заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 100 милиони евра ќе се користат за тековно работење на АД ЕСМ и за проекти за зелена енергетска транзиција, потврди денеска генералниот директор на компанијата Васко Стефанов.

-Ќе се обврземе овие средства да ги користиме наменски, одговорно и домаќински пред се за проекти кои ќе бидат поврзани со зелената агенда, рече Стефанов во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договорите за заем со ЕБОР во просториите на Министерството за финансии.

Нагласи дека компанијата во јули и август набавуваше струја на пазарот, бидејќи термоблоковите во Битола и дел во Осломеј  се во ремонтни активности.

-Заради високите температури конзумот во август е зголемен и затоа согласно деловните политики на АД ЕСМ и планот за производство дел од електричната енергија ја набавивме на слободниот пазар. Ние на два начина ја купуваме електричната енергија – на нашата берза или на јавен повик. Последните купопродажни договори на компанијата за набавка на електрична енергија се согласно понудената цена во моментот кога се набавувала енергијата, прецизира Стефанов.

Посочи дека очекува ремонтните активности да завршат на крајот на септември или на почетокот на октомври и сите капацитети на компанијата да бидат ставени во функција.

Прашан дали ЕСМ навреме ќе успее да го санира топловодот на мостот „Беласица“ во Скопје, кој неодамна беше опожарен, Стефанов рече дека се целосно подготвени за тоа.

-Стариот топловод е веќе демонтиран и со тоа се создадени услови за санација на мостот, која е во надлежност на Град Скопје. По завршените активности за санација на мостот ние ќе го поставиме новиот топловод кој ќе биде во функција до крајот на септември, рече Стефанов.вј/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан