• понеделник, 23 декември 2024

Стевановиќ за МИА: За случаите со конго-кримска хеморагична треска во комуникација сме со СЗО и колеги од регионот

Стевановиќ за МИА: За случаите со конго-кримска хеморагична треска во комуникација сме со СЗО и колеги од регионот

Скопје, 8 август 2023 (МИА) - За случаите со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) во комуникација сме со Светската здравствена организација, ги црпиме сите искуства што светот ги има, што во нашиот регион се лимитирани, во комуникација сме со колеги од регионот и од Албанија и од Косово, Бугарија, изјави за МИА, директорката на Инфективна клиника, Милена Стевановиќ.

- Со Светската здравствена организација сме на линија, така да, правиме сѐ што е во наша моќ, нагласи Стевановиќ.

Претходно денеска, портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА изјави дека не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска.

- Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување, зборуваме конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека го имало во минатото – го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето, истакна Мехмедовиќ.

Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот, болничарка од Инфективната клиника, е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан