Стартуваше петтата генерација студенти на Прогресив Академијата
Виница, 25 септември 2025 (МИА) - Во Виница денеска се одржа промотивен настан за Академијата за Претприемништво и Менаџмент - дел од Фондацијата „Прогресив Академија“, на кој се обратија претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, Глигор Цветанов, генерален директор на Макпрогрес и член на бордот на директори на Академијата и директорката Александра Кирилова.
Азески, во улога на претседател на Одборот на директори на Прогресив Академијата потенцираше дека оваа институција претставува столб на современото менаџерско и претприемничко образование во државата.
- Преку вакви иницијативи создаваме генерации на нови лидери кои ќе бидат двигател на развојот, иновациите и конкурентноста на македонската економија, нагласи Азески, кој е еден од основачите на Прогресив Академијата.
Генералниот менаџер на Макпрогрес Груп од Виница,Глигор Цветанов, им порача на младите дипломци дека се доказ оти македонскиот бизнис има иднина.
Со врачувањето на сертификатите заврши уште еден циклус на образование и практична подготовка на младите претприемачи и менаџери и тие со ова, според Цветанов, излегуваат подготвени да одговорат на современите предизвици.
Истовремено, на свеченоста, беше означен стартот на новата петта генерација на претприемачи и менаџери со што се отвора ново поглавје во создавањето идни лидери и визионери во бизнисот.

Цветанов, пред завршените студенти на четвртата и пред новите, од петтата генерација што сега ја започнуваат едукација, истакна дека за него Академијата за претприемништво и менаџмент има посебна вредност, појаснувајќи дека и самиот минал низ многу обуки за менаџери, што го подготвиле за мигови, кога животот и бизнисот ќе ве стават на испит, потсетувајќи на пожарот во фабриката од пред дваесетина дена, во кој изгоре еден производен погон и три магацини.

- Оваа криза беше суров доказ дека секој бизнис носи ризици. Но, во исто време беше и моја најголема лекција – дека токму принципите на Прогресив Академијата се тие што прават разлика: брзината на одлука, решителноста, истрајноста и лидерството. Верувам дека и сите вие, кои денес излегувате како дипломирани прогресивци, сте подготвени да бидете токму такви лидери – кои нема да се скршат во криза, туку ќе израснат уште посилни, нагласи Цветанов.

Посетителите на петтата генерација на Академијата за претриемништво и менаџмент денеска ја започнаа едукацијата и обуката која ќе се одвива во наредните шест месеци. Во програмата ќе бидат опфатени : деловна стратегија и бизнис процеси, организациска трансформација, корпоративна иновација, маркетинг и продажба, финансии за топ менаџмент и лидерство и деловни комуникации. ис/нд/
Фото: МИА