• четврток, 14 ноември 2024

Старскиот дом во Берово доби сопствена кујна, Тренчевска најави инвестиции во нови капацитети ширум државата

Старскиот дом во Берово доби сопствена кујна, Тренчевска најави инвестиции во нови капацитети ширум државата

Берово, 19 јуни 2023 (МИА) - Корисниците на услугите во Домот за стари лица ,,Д-р Иван Влашки" во Берово добија сопствена кујна, која денес ја отвори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, при нејзината работна посета на Општина Берово.

Општина Берово, како што истакна Тренчевска, е една од општините со кои Министерството за труд и социјална политика има одлична соработка, за што потврдуваат досегашните реализирани проекти, потенцирајќи дека за поздрав е секоја нова иницијатива од која директна придобивка имаат граѓаните.

-Како Влада и надлежно Министерство во континуитет работиме на унапредување на квалитетот на живот на старите лица. Како особено значајна сакам да ја истакнам соработката со локалната заедница, затоа што секоја општина најдобро ги познава потребите на своите жители. Денеска официјално ја отвораме кујната на Домот за стари лица д-р Иван Влашки во Берово, со која овој дом добива една целина и претставува капацитет согласно сите стандарди кои се потребни за ваква намена. За реализација на оваа инвестиција, учествуваа Општина Берово и Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки", рече Тренчевска.

Министерството за труд и социјална политика како што додаде во моментов инвестира во градежните работи за реконструкција и адаптација на деловен објект број 4 во ЈОУ „Дом за стари лица д-р Иван Влашки". Инвестицијата тежи 11.043.900,00 денари, а целта како што додаде Тренчевска е да се зголеми капацитетот на домот за 14 соби, односно 28 лица, со што моменталниот капацитет во домот од 39 легла се зголемува на 67.

-Исто така во 2021 година, Министерството финансираше, набавка, испорака и монтажа на опрема на новиот дел од домот„Иван Влашки“ во вредност од 1.328.491,00 денари кој е со капацитет за 10 лица. Воедно, Ве известувам дека истовремено се работи заедно со општина Пробиштип и со општина Кавадарци на проектната документација за изградба на нови домови за стари лица. Вработените од Министерството се во постојана координација и комуникација со овие општини во врска со проектите. Ова е и можност уште еднаш да ги повикам општините да аплицираат со идејни проекти во Министерството за труд и социјална политика во согласно со потребите во нивните заедници, додаде Тренчевска.

Како Министерство, истакна дека ќе продолжат со грижата за старите лица, обезбедувајќи домови за стари лица како капацитети, но и услуги од социјалната заштита за оние кои сакаат да останат да живеат во своите домови, останувајки на девизата дека ниту еден граѓанин не смее и нема да биде изоставен. 

Раководителката на беровската установата Живка Бојчовска Каламдевска рече дека установата континиуирано се унапредува со цел за подобрување на квалитетот на услугите, потенцирајќи дека со цел проширување на капацитетите досега реконструирани се неколку објекти.

Новата кујна, според неа е од големо значење за самите корисници и за установата каде отсега ќе има можност храната да се приготвува и да се прилагодува според потребите на корисниците и каде што може да се подобри нивното здравје и да се спречат и контролираат нивните здравствени состојби.

-Во 2019 година се прошири капацитетот за 14 легла, во 2021 година се прошири за уште 10 легла, во 2023 година започна реконструкција на објект 4 ламела со што во иднина ке се зголеми капацитетот за уште 28 легла, и сега во 2023 год домот добива сопствена кујна каде што храната ќе се приготвува во самата установа која што досега беше преку кетеринг услуга. Установата секогаш се стреми да ги слушне потребите и барањата на корисниците и да ги подобри нивните услови за живот.
Старите лица имаат потреба од храна која обезбедува доволно, енергија која што им е потребна на корисниците за да можат активно да се вклучат во секојдневните активности и задачи, додаде Бојчовска Каламадевска заблагодарувајки се на сите инволвирани кои помогнаа оваа активност да се реализира.

За градоачалникот на Берово, Звонко Пекевски особено радува фактот, што општинската јавна установа за социјална заштита на стари лица „Др. Иван Влашки" во Берово, од своето отварање до денес постојано бележи проширување на капацитетите и унапредување на услугите кои ги нуди. 

-Завршена е изградбата и комплетно в опремен објектот кујна во Домот за стари лица во Берово. Објектот е изграден со сопствени средства и со средства од општинскиот буџет, во вкупен износ од околу 10.000.000,00 денари и истиот ќе понуди нова услуга за корисниците. Сметаме дека преку обезбедување на сопствен оброк за корисниците, во Домот за стари лица, ќе се подобрат услугите во установата, корисниците ќе бидат уште повеќе задоволни, а воедно ќе се овозможат дополнителни работни места. Се надевам и надополнителни социјални услуги, во иднина, кои се разбира се во согласност со Законот за социјална заштита, рече Пекевски.

Домот за стари лица во Берово, е единствената установа од ваков тип во источниот регион и побарувачка за услугите од оваа установа е голема а унапредувањето на услугите во установата, е од големо значење за населението од Берово и од целиот источен регион

Во установата, исто така, во тек се активности за реконструкција на четвртата ламела, со што приоритетите на Општината, како што додаде Пекевски се континуирано унапредување на услугите кои се нудат и да зголемување на капацитетите за корисниците. вс/дма/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан