• петок, 22 ноември 2024

Стано: Рунда дијалог без напредок, ЕУ не виде подготвеност за компромис

Стано: Рунда дијалог без напредок, ЕУ не виде подготвеност за компромис

Белград, 15 септември 2023 (МИА) - Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, изјави дека последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина не донела напредок, бидејќи ЕУ не видела подготвеност на страните да најдат компромис, а земјите членки ќе бидат информирани за ова, од кои ќе бидат побарани насоки за тоа како понатаму да им пристапат на партнерите и кои мерки „кои им се достапни“ да ги преземат, јави дописникот на МИА од Белград.

Стано на редовниот брифинг за медиумите нагласи дека високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел не рекол дека дијалогот е неуспешен, туку дека рундата од дијалогот во четвртокот не донела резултат бидејќи страните не постигнале договор.

- Страните не беа подготвени да ги надминат разликите. ЕУ не е страна во дијалогот, туку посредник, страни се Косово и Србија, рече Стано.

Според него, ЕУ им помага на Србија и на Косово да ги премостат разликите, но во тоа не може да биде успешна ако страните одбијат да го следат патот на компромисот и ако некој не сака помош.

- Ние сме во сериозна ситуација и високиот претставник јасно кажа дека Србија и Косово се изложени на ризик да заостанат зад остатокот од регионот во процесот на европските интеграции, бидејќи напредокот во тој процес е тесно поврзан со дијалогот, рече Стано.

Тој кажа дека специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак ги информира земјите-членки за рундата на дијалогот и потоа 27-те земји ќе одлучат како понатаму.

- Унијата е посредник и можеме да постигнеме онолку колку што се подготвени страните да прифатат, рече Стано.

Запрашан дали Борел смета дека се применети ефективни рестриктивни мерки за Косово, Стано одговори дека не се евидентирани значајни чекори во однос на деескалација на ситуацијата, иако има некои чекори, а се уште постои потенцијал ситуацијата да се влоши.

- Мерките против Косово се привремени и ќе бидат на сила се додека членките на ЕУ сметаат дека е неопходно, наведе тој и посочи дека овие мерки може да се омекнат и зајакнат, како што налага ситуацијата.

На прашањето дали мерките може да се применат и на другата страна, Србија, Стано рече дека тоа е одлука на 27-те членки на ЕУ во однос на тоа која страна не прави доволно за да се смири или да поттикне ескалација.

- Може да се воведат и за другата страна доколку се работи за заедничка оценка на 27-те членки на ЕУ. Тоа е процес кој е под постојан надзор на земјите-членки. Тие не се задоволни од исходот на рундата на дијалог, имаа поинакви очекувања и тоа го знаат партнерите, заклучи Стано. об/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан